Македонските граѓани јадат безбедна храна, уверува директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Оливер Миланов. По повод Светскиот ден на храната, тој најави двојно повисоки казни за несовесните оператори. По извршените вонредни надзори по пазарите, АХВ вчера заплени два тона небезбедна храна, а денеска уште шест.
„Безбедната храна е заедничка одговорност. Само со доследно почитување на законските обврски, ефикасни контроли и меѓуинституционална соработка можеме да обезбедиме заштита на здравјето на граѓаните и поголема доверба во храната што се произведува, увезува и консумира во нашата земја“, порача Миланов.
Од јануари до август годинава, АХВ спровела 74.838 инспекциски надзори, при што биле уништени 69.776 килограми небезбедна храна од домашниот промет и од увоз. Во истиот период бил забранет увозот на 21.105 килограми небезбедна храна од неживотинско потекло, додека во земјите на потекло биле вратени пратки со вкупно 122.602 килограми храна од животинско потекло.
Во истиот период, физички и правни лица поднеле над илјада иницијативи за инспекциски надзор преку Одделението за заштита на потрошувачите, најмногу во областа на здравствената заштита и благосостојбата на животните. Миланов вели дека АХВ, во рамките на своите законски надлежности, континуирано спроведува контроли во домашниот промет и при увозот на храна, но работи и на превентивни активности, едукација и соработка со институциите и операторите со храна.
На прашањето да ги коментира вратените пратки на македонско овошје и зеленчук од некои од земјите во регионот, тој рече дека, согласно анализите, производите биле добри, а резултатите од наодите биле негативни.
„Чудно е зошто се враќаат, но секоја држава си го штити својот пазар, својот производ. Ова не е прв пат, имавме од Хрвaтска, Бугарија, Србија…Ние веќе одржавме средби на високо институционално ниво и со стопанските комори. Договорено е да бидеме поригорозни во однос на увозот и извозот. За резултатите што е запленето денеска и утре, наскоро ќе излеземе со резултати. Безбедноста на храната е најбитна. Не се доволни казните, треба да бидат повисоки. Веќе се работи на законот за прекршоци. На добар пат сме, претходните две години вративме над 650 тони храна од увоз“, рече Миланов.
Од АХВ апелираат до потрошувачите, да внимаваат што и каде купуваат, да ги гледаат рокот на употреба, нутритивната табела и органолептичките својства на производите.


