Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) по контроли спроведени на граничните премини спречи увоз на 50 тони небезбедна храна што требало да заврши на македонскиот пазар.
„Официјалните ветеринари на АХВ на граничниот премин Ќафасан забранија увоз на 27 тони говедско мелено месо по потекло од Парагвај. Одлуката за забрана за влез на месото во нашата држава е донесена по направената проверка во информативниот систем на АХВ и на увознатата документација според која количините кои требале да се увезат и да завршат на македонскиот пазар потекнувале од објект кој не е одобрен од Агенцијата за храна и ветеринарство, со што не се испоплнети основните безбедносни стандарди за увоз, односно постојат сомнежи за здравствена исправност на месото“, соопштија од Агенцијата за храна.
Инспекторите забраниле и увоз на пратка со 22 тони ореви по потекло од Казахстан поради несоодветно означување и отстапки во пропишаните критериуми за квалитет и безбедност на храна.
Поради тоа целата количина од 22 тони вратена е во земјата на потекло.
Во декември минатата 2025 година, беше спречен увоз на 26 тони замрзнато пилешко месо од Бразил, поради забрана за увоз на месо од Бразил поради ризик од птичји грип. Истиот месец бил спречен и обид во државава да влезат 22 тони киви од Србија поради присуство на ларви и инсекти и е издадена наредба пратката да се уништи, соопштија тогаш од АХВ.


