Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) во вонреден инспекциски надзор ги отстрани сите диви тезги на Бит-пазар во Скопје и одзеде храна во количина од речиси 500 килограми, од кои најголем дел земјоделски производи.
Инспекцискиот надзор е спроведен изутрината на потегот од трговскиот центар „Мавровка“ до Бит-пазар.
„Отстранети се сите диви тезги, повеќето со овошје и зеленчук. Одземена е храна во количина од речиси 500 килограми и отстранета е целокупната опрема за продажба, која била диво поставена на пешачките и велосипедските патеки. Во координација со комуналните инспектори на Град Скопје на сторителите ќе им бидат изречени соодветни прекршочни мерки“, информира АХВ.
Оттаму додаваат дека вчера во заедничка акција со СВР Гостивар официјални ветеринари на Агенцијата на приватен имот во село Чајле заплениле и на депонијата „Русино“ уништиле 150 килограми месо со изминат рок, без декларација и со непознато потекло.


