Ребека Гринспан фаворит за нов генерален секретар на ОН

Објавено:

Во неформалното гласање на Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН), поранешната потпретседателка на Костарика, Ребека Гринспан, се најде во тесно водство во трката за функцијата десетти генерален секретар на ОН, изјавија две лица запознаени со процесот.

Во гласањето немаше јасен победник, бидејќи сите кандидати добија два или повеќе гласови против од петте постојани членки на Советот за безбедност- Русија, Кина, САД, Франција и Обединетото Кралство, чиј став на крајот е пресуден.

Тоа ја отвора можноста во трката да се вклучат и нови кандидати, наведуваат дипломати и набљудувачи.

Ова беше шестото тајно гласање организирано од претставниците на Советот за безбедност, кои имаат помалку од три месеци да изберат наследник на актуелниот генерален секретар на ОН, Антонио Гутереш, чиј мандат истекува на 31 декември.

Кој и да победи, ќе мора да се соочи со бројни кризи, меѓу кои неколку војни, намалувањето на американските финансиски придонеси за ОН и опаѓањето на политичкото значење на оваа организација, која има 193 земји членки.

За да добие препорака од Советот за безбедност, кандидатот мора да освои најмалку девет позитивни гласови од вкупно 15 членки, под услов ниту една од петте постојани членки да не гласа против него, односно да не стави вето.

Процесот влезе во одлучувачка фаза, бидејќи во петокот за првпат беа користени гласачки ливчиња означени со различни бои, кои откриваат дали некоја од постојаните членки со право на вето се противи на одреден кандидат.

Четири од петте круга на гласање, одржани во изминатите месеци, покажаа дека Гринспан (70) има мала предност.

Состојбата во петокот не се промени значително.

Гринспан доби девет гласа „за“, пет „против“ и еден глас без изразено мислење.

Два од петте гласа „против“ дошле од постојани членки на Советот за безбедност, наведуваат изворите.