Извозен „бум“ на кинеско пилешко месо

Објавено:

Во канцеларија во која силно се чувствува мирисот на цигари, Денг Јангјанг исцрпено се излежува на црна кожна софа. Генералниот директор на кинеската компанија „Винтоп фуд“ изминативе денови ги придружувал клиентите од Гана, Ирак, Јордан, Русија и Сенегал. Сите го бараат истото: кинеско пилешко месо.

Компанијата „Винтоп“ годишно преработува 60 милиони кокошки, а на повеќе од 20 земји им продава пилешки гради, пилешки „нагетси“, ќофтиња и кнедли. Минатата година извозот учествувал со половина во вкупната добивка на компанијата што и овозможува финансирање на проширувањето на нејзините капацитети.

„Порано, меѓународните клиенти немаа доверба во квалитетот“, изјави 44-годишниот Денг за агенцијата Ројтерс, за време на обиколката на производствените капацитети.

„Но, кога месото е за 1000 долари по тон поевтино од она на бразилските и тајландските конкуренти, тие мора или да купуваат од Кина или да останат без тој производ.“

Компанијата е дел од бранот кинески производители на протеини од животинско потекло кои успеваат да ја надминат недовербата во областа на безбедноста на храната и да ги искористат дополнителните производствени капацитети за да освојат место на полиците во супермаркетите ширум светот.

Промените во навиките за исхрана во Кина, како и акцентот што Пекинг го става на безбедноста на снабдувањето со храна, ги поттикнаа компаниите да инвестираат во технологија и проширување на производството.

Сега тие произведуваат повеќе отколку што може да потроши кинескиот пазар и вишокот производи го пласираат во странство.

Наглиот раст на евтиниот кинески протеин предизвикува загриженост кај западните производители и регулаторите, што укажува на нови трговски тензии. Овој модел потсетува на стратегијата на Пекинг во индустријата за челик, соларни панели и електрични возила – преплавување на пазарите со евтини производи што ја поткопуваат конкурентноста на производителите од другите земји.

Во јули, Европската комисија отвори истрага за дампинг при увозот на пекиншката патка, откако локалните производители обвинија дека кинеските субвенции создаваат нелојална конкуренција. Минатиот месец, Комисијата воведе антидампинг-царини од 41 до 67 проценти за кинескиот протеин од грашок.

„Пилешкото месо засега ги избегна истите мерки, иако европските власти го следат пазарот“, изјави портпарол на Европската комисија за Ројтерс.

Земјоделството и прехранбената индустрија се меѓу ретките сектори во кои Кина сè уште бележи трговски дефицит. Минатата година тој изнесуваше нешто повеќе од 100 милијарди долари, што е огромна разлика, која сепак постепено се намалува.

Кина, која веќе е најголемиот светски извозник на морска храна, минатата година за првпат стана нето-извозник на пилешко месо, покажуваат статистичките податоци.

Според царинските податоци, минатата година Кина извезла пилешки производи во вредност од 2,6 милијарди долари, што е речиси двојно повеќе од нивото во 2020 година. Извозот на млечни производи, пак, се очекува годинава да достигне 600 милиони долари, што е двојно повеќе за само три години.

За потрошувачите ширум светот, овој тренд значи поевтини протеини. За странските производители, од Европа до Тајланд и Бразил, тоа значи појава на нови конкуренти.

„Преобразувањето на Кина од купувач во нов извозник има „нарушувачки“ ефект врз глобалниот пазар на месо“, вели Мајкл Бодингтон, консултант за агробизнис со седиште во Пекинг.

Во Азија, традиционално се увезувало месо од Европа и од Америка, вели тој. Сега постои поевтина алтернатива, а производителите ширум светот се обидуваат да најдат начин да ѝ конкурираат.

Кинеските министерства за земјоделство и трговија не одговорија на прашањата на Ројтерс поврзани со брзиот раст на извозот на протеини од животинско потекло.

Градовите се „откажуваат“ од свинско

Со децении, протеините во Кина значеа свинско месо. Свињите обезбедуваа храна за работниците кои ги градеа градовите и работеа во фабриките што го поттикнаа економскиот бум на земјата. Кина стана дом на половина од светската популација на свињи, чија потреба за жито, особено соја, ги промени трговските текови од американскиот Среден Запад до Бразил.

Големата побарувачка за свинско месо во Кина им обезбедуваше егзистенција на малите земјоделци, како Хуанг Вејинг, која пред 20 години почнала да одгледува свињи во своето село во провинцијата Хебеј и во еден период имала повеќе од 500 свињи.

Но, тоа време заврши. Кога новинарите на Ројтерс ја посетиле Хуанг во август, таа ги хранела последните 10 свињи во шталата покриена со пајажини. Со долг од околу 75.000 долари, планирала да ги заколе до есента.

„Одгледувам свињи повеќе од две децении, но никогаш не ми било толку тешко како во последниве две години“, изјави 57-годишната Хуанг.

 „Цените на свинското месо се толку ниски. Луѓето во градовите едноставно престанаа да јадат свинско“, изјави за Ројтерс, Хуанг.

Масните парчиња свинско месо, вообичаени во традиционалната кинеска кујна, сè помалку се омилени кај урбаното население кое сè повеќе внимава на здравјето. Според официјалните податоци и државните медиуми, потрошувачката на свинско месо по жител е намалена за 13 проценти од достигнувањето на највисокото ниво во 2023 година. Во меѓувреме, потрошувачката на пилешко месо по жител се зголемила за повеќе од 50 проценти во десетте години до 2024 година.

Денес, фармите што добиваат субвенции придонесуваат за создавање вишок производствени капацитети. Производството достигнува нови рекордни нивоа и покрај забавувањето на економијата, слабата домашна побарувачка и намалувањето на населението, покажуваат владините податоци.

Минатата година Кина произвела рекордни 59 милиони тони свинско месо, додека производството на месо од живина се зголемило за седум проценти. Секторот за млечни производи ги надминал официјалните производствени цели за 2025 година уште две години порано.

Цените на свинското месо се најсилно погодени бидејќи домашната побарувачка е најслаба, но пад на цените е забележан и кај месото од живина и кај млечните производи.

Излезот е во извозот

За големите производители, кои сè повеќе доминираат на пазарот, извозот е излез од ситуацијата.

„Секоја кинеска компанија за сточарско производство планира да се прошири на странските пазари. Ако сакате да растете, мора да излезете во странство“, изјави Џанг Јуан, раководител за маркетинг на адаптирано млеко за доенчиња во млечниот гигант „Јили“, кој планира да започне со продажба на формула за доенчиња во Југоисточна Азија најдоцна до следната година.

Тоа е симболичен чекор за најголемата млечна компанија во Азија. Во 2008 година, во рамки на владина акција поради контаминација со меламин, од пазарот беа повлечени нејзини млечни производи, откако илјадници бебиња се разболеа. Скандалот ги одврати потрошувачите од домашното млеко повеќе од една деценија. Но, денес, млекото во прав за бебиња на „Јили“ е најпродаваниот бренд во Кина.

Производителите на пилешко месо одат по сличен пат. Во „Винтоп“, во кинеската провинција Шандонг, менаџерот Денг во изминатата деценија го зголемил бројот на кокошки во секој објект од 20.000 на 120.000.

Локалните власти во Тенгжу му ги субвенционираат трошоците за плати на „Винтоп“, кој има повеќе од 2.000 работници, соопшти компанијата за Ројтерс, без да даде конкретни детали. Властите во Тенгжу не одговорија на барањето за коментар.

Конкурентните преработувачи, како „Санер“, се потпираат на производи со повисока додадена вредност, како маринирано пилешко месо и готови оброци, за да го поттикнат растот. Нивната продажба во странство минатата година се зголемила за 42 проценти, достигнувајќи 135 милиони долари.

„Санер“ за Ројтерс вели дека го проширува меѓународното присуство на своите раси живина преку соработка со земји, меѓу кои и Узбекистан, за развој на локалните производствени капацитети.

Силна конкуренција

„Како што кинеските производители се шират на странските пазари, тие преземаат дел од пазарниот удел на веќе етаблираните компании. Кинеското млеко во прав сега се натпреварува со производи од Нов Зеланд и Европа во земји како Нигерија и Бангладеш, а на Блискиот Исток ги потиснува индиските и иранските производители“, вели Јифан Ли, аналитичар за млечната индустрија во брокерската компанија за суровини „СтоунИкс“.

Кина го удвоила својот удел на пазарот на преработено месо од живина во Европската Унија, достигнувајќи 10 проценти од 2022 година наваму. Во Велика Британија, нејзиниот удел се зголемил тројно, на повеќе од 14 проценти, според податоците на „Жира“, консултантска компанија за прехранбената индустрија.

Овој раст претставува предизвик за производителите во земји како Германија. Уделот на Кина на јапонскиот пазар исто така постепено расте, додека уделот на Тајланд, кој е водечки снабдувач, се намалува.

Езекиел Пирес, претседател на меѓународната трговска компанија за месо „Бранекс“, со седиште во Лисабон, изјави дека компанијата почнала да купува пилешко месо од Кина во март, откако клиентите во Африка побарале поевтини алтернативи на увозот од Бразил. Пилешките гради и четвртините од пилешки копани од Кина се за 10 до 20 проценти поевтини од бразилските производи, рече Пирес.

Кина сè уште не успеала целосно да се ослободи од негативните асоцијации поврзани со постојаните скандали со безбедноста на храната, велат аналитичарите.

„За кинеските извозници предизвикот е да изградат „трајна доверба во безбедноста, следливоста и постојаниот квалитет на нивните производи“, изјави Гордон Батланд, директор во консултантската компанија „Џи енд Ес Агриконсалтантс“, со седиште во Бангкок.

Европската комисија за Ројтерс соопшти дека увезената храна во ЕУ мора да ги исполнува истите здравствени и безбедносни стандарди како и домашните производи. Унијата планира да ги зајакне правилата за означување на потеклото на производите од ЕУ, почнувајќи од месото од живина во 2027 година.

Некои клиенти претпочитаат пилешко месо од Тајланд поради постојаниот вкус и квалитет, но за многу купувачи клучна предност останува пониската цена на кинеските производи.