Европската комисија предлага единствен пазар за девет земји кандидати за членство. Ова е наведено во предлогот за промени во политиката на проширување, до кој Радио Слободна Европа има пристап, а чие усвојување или објавување се очекува на 6 октомври, по неделниот состанок на колегиумот на Европската комисија во Стразбур.
Единствениот пазар за земјите кандидати е опишан како „најмоќниот инструмент на Унијата за поттикнување на просперитетот и економската конвергенција“.
Пристапот до овој пазар, единствена област на ЕУ во која стоките, услугите, луѓето и капиталот се движат слободно, досега беше целосно можен само по формалното членство.
Сепак, за овие предлози, или некои од нив, да стапат во сила, потребна е формална и едногласна потврда од сите земји-членки на ЕУ.
Документот ќе послужи како основа за стратешки дискусии меѓу лидерите на ЕУ на претстојниот самит, кој ќе се одржи на 15 и 16 октомври во Брисел, а кој ќе биде посветен на проширувањето на ЕУ.
Земјите кандидати се: Албанија, Црна Гора, Северна Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Грузија, Турција, Молдавија и Украина.
Единственоиот пазар не е бланко чек
Пристапот до единствениот пазар не се нуди автоматски, туку е јасно поврзан со конкретниот напредок на земјите кандидати во процесот на реформи.
„Споредливиот напредок треба да доведе до споредливи можности“, се наведува, меѓу другото, во нацрт-документот на Европската комисија.
Според документот, постојните инструменти би се проширувале постепено, пропорционално на тоа колку е подготвена секоја земја.
Документот, исто така, предвидува механизми за заштита од „уназадување“ во реформите, што значи дека пристапот откако ќе се добие не е нужно траен.
Сепак, документот не содржи прецизни критериуми, рокови или јасно дефинирани околности под кои пристапот би можел да се суспендира.
Што се нуди, а што веќе постои?
Новите предлози на Европската комисија предвидуваат рано вклучување на земјите кандидати во одредени сектори, особено во областите на критични технологии, индустриски екосистеми, финансиска интеграција и отпорни синџири на снабдување.
Исто така, се предлага учество во програмата Хоризонт Европа, клучната програма на ЕУ за финансирање на истражување и иновации, како и во важни проекти од заеднички европски интерес.
Сепак, некои од понудите во овој документ се веќе достапни за земјите-кандидатки и потенцијални земји-членки. Ова се однесува, меѓу другото, на единствената зона за плаќање во евра (SEPA) и укинувањето на тарифите за роаминг.
SEPA е веќе достапна за повеќето земји-кандидатки. Пет земји, Албанија, Молдавија, Црна Гора, Северна Македонија и Србија, официјално се приклучија на SEPA. Слична е ситуацијата и со понудата поврзана со укинувањето на тарифите за роаминг. Украина и Молдавија го користат овој режим од почетокот на оваа година, додека Европската комисија планира да го прошири укинувањето на тарифите на сите земји од Западен Балкан следната година.
Понудата за пристап до единствениот пазар, исто така, се темели на постојниот Договор за стабилизација и асоцијација (ДСА), што секоја земја-кандидатка го има со Европската Унија. Овој договор претставува правна рамка за постепено приближување на земјите-кандидатки кон единствениот пазар.
И двата системи се засноваат на отстранување на трговските бариери, усогласување на правилата и стандардите со правилата на ЕУ и постепено вклучување на кандидатите во Европската економска зона.
ДСА им овозможува на земјите-кандидатки, дури и пред полноправно членство, да користат дел од економските придобивки од интеграцијата, а во исто време ги подготвува за целосна интеграција во единствениот пазар.
Што друго се нуди?
Пристапот до единствениот пазар е само дел од обемниот документ во кој Европската комисија презентира нови предлози од кои произлегува дека идните членки нема нужно да ги уживаат истите права како постојните земји-членки по приемот.
Најосетливиот елемент од нацртот се однесува на ограничувањето на правото на вето, кое документот симболично го нарекува „привремена обврска во однос на донесувањето одлуки во Советот на ЕУ и Европскиот совет“.
Според овој предлог, идните членки би се обврзале да не се спротивставуваат на одлуките на Советот во областите каде што е неопходна едногласност.
На постојните земји-членки им се предлага да преминат од едногласно донесување одлуки на одлучување со квалификувано мнозинство во голем број области, вклучително и проширувањето.
Според предлогот, одлуките за отворање или затворање на преговарачките поглавја би се донесувале со квалификувано мнозинство, додека одлуката за прием на нов член би се донесувала едногласно.


