ЕУ подготвува нови правила за членство – Скопје гледа позитивно, Вучиќ ја препозна Србија во изјавите за „тројански коњ“

Објавено:

Европската комисија најавува нови правила и реформа на процесот на проширување на Европската Унија, кои би се однесувале и на Северна Македонија и на останатите земји од Западен Балкан. Реформите би се однесувале на постепената интеграција на кандидатките, построгата проверка и нова методологија.

Ваквите најави ги упати еврокомесарката за проширување, Марта Кос, од конференција на хрватските амбасадори одржана во Загреб на 25 август, што предизвика различни толкувања во регионот.

Скопје, според изјавата на првиот вицепремиер и министер за европски прашања, Беким Сали, гледа позитивно на тоа.

„Во моментов работиме на проширување на реформската агенда што значи дека имаме позитивна порака од Европската комисија дека Северна Македонија го следи патот и динамиката на договореното, што е на нејзиниот пат кон европска интеграција. Со пораките дипломатите ни укажуваат дека мора да работиме понапредно и понапорно за исполнување на тие чекори. Нашите институции се навремено информирани и се адаптираат на потребите и пораките дадени од страна на дипломатите и ЕК. Позитивно го гледам тоа“, рече Сали одговарајќи на новинарски прашања на 26 август.

Тој рече дека сè уште немаат ниеден официјален документ или разговор за евентуалните нови правила, но „следиме и сме во постојана комуникација каков ќе биде текот“.

Вучиќ цинично ја коментираше изјавата на Кос

Од Загреб, Кос меѓу другото порача и оти треба да се осигурат дека нема да пуштат „тројански коњи“ внатре во Унијата. Во тоа, се препозна српскиот претседател Александар Вучиќ, за што и јавно зборуваше.

Во разговор со медиумите на 25 август, тој рече дека еврокомесарката наскоро треба да го посети Белград и констатираше дека „таа мисли на Србија кога зборува дека на ЕУ не и се потребни тројански коњи“.

„Тие нека си ја работат работата, не им требаат тројански коњи или нешто слично. Тие се самоодржливи, им посакувам се најдобро. Ќе продолжиме да бидеме на европскиот пат, да растеме и да се развиваме побрзо, да имаме добри домаќини, повеќе деца и Србија побрзо да напредува“, рече Вучиќ.

Тој рече и „во случај да е циничен и малку непристоен, може да каже оти Марта Кос повеќе би сакала да види некои овци отколку коњи“, но не е циничен и непристоен и затоа нема да го каже тоа.

Што кажа еврокомесарката Кос?

Најавувајќи ги промените, Кос потсети дека во 1999 година европските лидери се собраа во Хелсинки за да утврдат што треба да се направи за ЕУ да биде подготвена за најголемото проширување, велејќи дека сличен процес започнал и сега.

„Доаѓа Хелсиншкиот момент на нашата генерација“, рече Кос.

Според најавите, ЕК во септември ќе ги претстави своите идеи за реформите за процесот на проширување на блокот, додека во октомври за тоа ќе зборуваат европските лидери кои ќе се сретнат на Европскиот совет.

Таа спомена неколку клучни аспекти поврзани со проширувањето. Една од нив е влијанието што новите членки на ЕУ би можеле да го имаат бидејќи ако тоа е штетно за другите мора да се делува за да се заштита нивните интереси.

Тука се и внатрешните реформи на Унијата во однос на ставањето вета при носењето одлуки.

„Добрата вест е дека постојните Договори веќе ни даваат значителен простор за подобрување на начинот на кој ги донесуваме одлуките и начинот на кој функционираат нашите институции. Треба да го искористиме тоа за да го направиме процесот на донесување одлуки поефикасен и пофлексибилен. Тоа така би можело да значи намалување на бројот на области во кои една членка може да ги блокира сите останати, а би можело да значи и намалување на нашите институции“, изјави Кос.

Еврокомесарката потенцираше и оти секоја нова членка треба да ја засили ЕУ политички, економски и безбедносно, а се почнува, нагласи, со владеење на правото.

„Потребен ни е докажан успех во спроведувањето на реформите и обврските преземени со пристапниот процес. Мораме да се погрижиме да не пуштиме тројански коњи внатре. Ниту денес, ниту за 10 или 20 години. Неодамнешното искуство покажа дека може да бидат потребни посилни заштитни мерки за да се спречат, а доколку е потребно и да се исправат, кршењата на основните начела и вредности на нашата Унија“, рече Кос.

Уште еден аспект што го акцентираше беше „постепената интеграција“. Подготовката за членство, вели одзема време, но противниците не чекаат туку инвестираат и вршат политички притисок во земјите кандидатки. Затоа, според Кос, Европа мора да се оддалечи од логиката „сè или ништо“ во проширувањето и да премине кон поструктуриран пристап односно „постепена интеграција“.