Мацинка: Членството на Северна Македонија во ЕУ е приоритет за Чешка

Објавено:

Република Чешка го поддржува членството на Северна Македонија во Европската Унија и е подготвена да направи сè што е потребно за земјава што поскоро да стане членка на Унијата, порача заменик-претседателот на Владата и министер за надворешни работи на Чешката Република, Петр Мацинка, по средбата со министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски во Охрид.

„Членството на Северна Македонија во Европската Унија е приоритет за Република Чешка. Тоа е во наш заеднички интерес, Европската Унија да се прошири со земјите коишто поминуваат низ пристапните преговори, токму на ваков начин како што тоа го прави вашата земја. Нашиот процес за пристапување не беше едноставен, траеше долго. Ние во текот на тој процес не ги направивме сите работи правилно, па имаме многу искуство коешто можеме да го споделиме, за да не ги повторувате грешките коишто ние ги направивме“, рече Мацинка.

Неговиот македонски колега Тимчо Муцунски, посочи дека со чешкиот колега разговарале за продлабочување на политичкиот дијалог, економската соработка, трговијата, инвестициите, миграцијата, како и соработката во културата и образованието.

„На економски план постои значителен простор за повеќе. Чешката Република веќе се вбројува помеѓу нашите 15 најзначајни трговски партнери, но нашата амбиција е оваа соработка да ја подигнеме на уште повисоко ниво. Гледаме конкретни можности за транспорт и инфраструктура, енергетика, туризам, земјоделство и технолошки инвестиции“, рече Муцунски и се заблагодари за, како што рече, принципиелната и континуирана поддршка од Чешка за полноправно членство на Македонија во Европската Унија.

Во однос на европската интеграција, Муцунски повтори дека таа останува наша стратешка определба и дека земјава е подготвена да ги спроведе реформите и да ги исполни европските стандарди.

„За нас европската интеграција останува стратешка определба. Ние сме подготвени да ја завршиме нашата работа, да ги спроведеме реформите и да ги исполниме европските стандарди. Но истовремено сме јасни дека процесот мора да биде кредибилен и предвидлив и дека напредокот мора да се вреднува врз основа на резултати, заслуги и однапред утврдени европски критериуми. Во таа смисла, ние не бараме привилегиран третман, ние бараме фер и европски процес“, рече Муцунски.

Инаку последниот Извештај на Европската комисија за Северна Македонија оценува дека земјата останува посветена на членството во ЕУ, но дека напредокот во реформите е ограничен и потребно е значително поголемо политичко ангажирање. Европската комисија нагласува дека се неопходни реформи во владеењето на правото, борбата против корупцијата, независноста на судството и јавната администрација.

Извештајот посочува дека почетокот на отворањето на првиот преговарачки кластер останува условен со уставните измени, односно внесувањето на Бугарите во Уставот, согласно преговарачката рамка со ЕУ. Без исполнување на овој услов, пристапниот процес останува блокиран.

Северна Македонија има статус на кандидат од 2005 година. Таа заедно со Албанија, во јули 2022 ја одржа Прва меѓувладина конференција со Брисел, но за втората и за отворање на кластерите во рамки на преговорите со ЕУ, треба да ги направи уставните измени со кои ќе ја вметне бугарската заедница во Преамбулата од Уставот.