За Мицкоски сме фронтранери во реформите, за Филипче тапкаме во место

Објавено:

Премиерот Христијан Мицкоски убедува дека Северна Македонија е фронтранер во спроведувањето на реформите од Планот за раст на Европската комисија (ЕК) додека лидерот на СДСМ смета дека државата тапка во место односно власта не сака реформи и ѝ порачува да престане да лаже.

„Ја слушам денеска опозицијата како вели дека рокот истекол. Жалам кога политички аналфабети се дрзнуваат да даваат такви коментари, бидејќи не е 1 јуни рокот, туку 30 јуни. Тоа е елементарно непознавање, но тоа е што е. Ние сме заклучно со декемврискиот извештај вистински фронтранери. На второ место е Албанија, трето е Црна Гора во регионот на Западен Балкан и ние користиме најголем дел од средствата како резултат на завршените реформи и испорачаните чекори“, изјави Мицкоски.

Премиерот очекува „местото на фронтранери“ земјава да го задржи и во јунскиот извештај бидејќи вели „во овој момент се движиме најдобро од сите земји во регионот“.

Ваквите изјави од Мицкоски доаѓаат откако претходно Филипче го прозва премиерот дека денеска истекува рокот што самиот премиер си го поставил за исполнување на обврските од реформската агенда.

„Во рамките на Реформската агенда, до јуни 2025 година требаше да бидат донесени 16 закони. Тогаш беа донесени само шест. За останатите 10 беше добиено продолжување на рокот до јуни 2026 година. И што се случи? Од тие 10 закони повторно реализацијата е само 20 отсто, односно донесени се само два закони. Па што треба? Продолжување на продолжението? Тоа ли нè чека? Таква ли власт сакаме да нè води? Власт која нема капацитет буквално ништо да спроведе“, рече Филипче.

Тој посочи дека се донесени само измени на царинскиот закон и на Законот за безбедност на мрежни и информациски системи, додека најголемиот дел од клучните реформски закони остануваат недонесени – во правосудството, енергетиката, финансиската транспарентност и државната помош.

„Времето истекува, регионот оди напред. Црна Гора и Албанија веќе ги затвораат поглавјата за преговори. Оваа Влада едноставно не сака во Европа и затоа велиме – престанете да лажете“, рече Филипче.

Северна Македонија во последната транша од ЕУ доби 65,7 милиони евра за спроведени реформи, додека Албанија и Црна Гора добија по 49 односно 44,2 милиони евра.

Бидејќи не се спроведени клучни реформи, обвини СДСМ, државата наместо 134,87 милиони за периодот јуни – декември 2025 добила само 65,7 милиони евра.