Европската Комисија одобри 65,7 милиони евра за Македонија

Објавено:

Европската комисија ја одобри новата транша од 65,7 милиони евра за Македонија во рамките на Планот за раст за Западен Балкан и Механизмот за реформи и раст.

Од вкупно одобрените 65,7 милиони евра, 30,6 милиони евра ќе бидат префрлени директно во државниот буџет, а преостанатите средства ќе бидат ставени на располагање за инвестициски проекти преку Инвестициската рамка за Западен Балкан.

Во согласност со официјалната информација објавена од Европската комисија, средствата се одобрени во рамките на Инструментот за реформи и раст по позитивната оценка за спроведените реформски чекори.

За Македонија, оценетите реформи се однесуваат на мерки поврзани со образованието и дигитализацијата.

ЕК за Албанија одобри 49 милиони евра, а 44,2 милиони евра за Црна Гора, објави министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски на социјалните мрежи.

Ова, како што наведува Муцунски, е јасна потврда за силната посветеност на Владата кон реформите, исполнувањето на обврските од планот за раст и имплементацијата на европските вредности и стандарди на домашен план.

Босна и Херцеговина е единствена земја од балканските земји кои досега не добија ниту една исплата од Планот за раст, бидејќи уште не ја усвои Реформската агенда.

Европската комисија во моментов проценува дали Србија ги исполнува критериумите за понатамошни исплати, во светлината на усвојувањето на судските закони во јануари, кои, според претставниците на Брисел, „ја ограничуваат независноста на судството“.