Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски вели дека се работи на трајно и одржливо решение што ќе го одблокира нашиот европски пат, потврдувајќи дека се водат разговори „под радарот“. Ова го навести во интервју за МИА, но не откри повеќе детали.
„Разликата помеѓу оваа Влада и претходните влади е што ние не сме подготвени за попустливост по прашања поврзани со идентитет, историја, јазик и култура и затоа јас и ги, ние често зборуваме за тоа дека има разговори. Ние не смееме да ги споделуваме деталите од тие разговори, бидејќи ако почнеме со јавноста да ги споделуваме, тогаш ги осудуваме на неуспех. Така што работиме на решение, но ќе повторам, не решение по секоја цена и не решение кое само по себе нема да биде одржливо и кое ќе создава ризици повторно да бидеме во оваа ситуација во која што се наоѓаме сега, вели Муцунски во интервјуто.
Признава дека несомнено е потребен политички консензус по ова прашање, критикувајќи ја опозицијата за, како што вели, грешките во минатото и немањето капацитет да ги согледаат последиците од одлуките во 2021 и 2022 година.
„Ако ме прашувате дали ни е потребен консензус, без никаква дилема. Но, тука прво опозицијата мора да почне да живее во рамките на реалноста, а реалноста е дека нејзината попусливост и немањето капацитет далекусежно да се гледаат последиците од тоа што се случуваше во 2021 и 2022 година не доведе до оваа позиција до којашто сме сега. Имаат легитимно право, па јас би рекол скоро за се да дадат и критика и став. Тоа е и функцијата на опозиција во една парламентарна демократија, нели, да дава критика, да дава инпут“, вели Муцунски.
Во однос на критиките на опозицијата дека се назадува на европскиот пат, вели дека тоа прашање има два дела. Едниот, вели тој, е дека државата напредува во делот на реформите, а вториот дел е дека предизвикот со Бугарија, којшто е вештачки предизвикан, останува.
„ЕУ нагласува дека како држава ја пофалува нашата стратешка определба – ние сме земја со целосно усогласена заедничка надворешна и безбедносна политика, земја која што прва во регионот потпиша партнерство за одбрана и безбедност со ЕУ и земја која што знае каде ја води својата надворешна политика. Но, точно е, ни останува предизвикот со Бугарија. Вештачки создаден предизвик, меѓу другото, создаден заради тоа што две политички партии, да се одржат на власт, попуштија сè што се бараше од нив и тоа работиме да го решиме. Во меѓувреме, дури и да се реши ова прашање, ќе бидеме најдобриот возножен кандидат и сме на вистинскиот пат во таа смисла“, вели шефот на македонската дипломатија.
Последниот Извештај на Европската комисија за Северна Македонија оценува дека земјата останува посветена на членството во ЕУ, но дека напредокот во реформите е ограничен и потребно е значително поголемо политичко ангажирање. Европската комисија нагласува дека се неопходни реформи во владеењето на правото, борбата против корупцијата, независноста на судството и јавната администрација.
Извештајот посочува дека почетокот на отворањето на првиот преговарачки кластер останува условен со уставните измени, односно внесувањето на Бугарите во Уставот, согласно преговарачката рамка со ЕУ. Без исполнување на овој услов, пристапниот процес останува блокиран.



