Муцунски и Османи „се скараа“ за бугарските протоколи

Објавено:

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, му одговори на поранешниот шеф на дипломатијата Бујар Османи, кој на фејсбук потенцираше дека и Муцунски изјавил дека протоколите не се дел од преговарачката рамка, како што тврдеше и тој, додека беше министер.

Актуелниот шеф на македонската дипломатија, Муцунски пак денеска вели дека: „Тој (Османи) е последниот човек кој има право да држи лекции за тоа што е прифатено, а што не во преговарачкиот процес“. 

„За разлика од неговите спинови, позицијата на оваа Влада е јасна и непроменета од првиот ден. Повеќе од две години слушаме обвинувања дека ќе попуштиме, ќе се откажеме и ќе прифатиме сè што претходно било договорено. Наместо тоа, со дела покажавме доследност, принципиелност и јасна заштита на македонските национални интереси. Тоа денес е јасно и дома и кај нашите меѓународни партнери“, напиша Муцунски на Фејсбук.

Во однос на политичкиот легитимитет, Муцунски напиша оти политичар кој не успеал да ја добие довербата ниту од своите најблиски сограѓани во Чаир, ниту од своите соседи кои најдобро го познаваат, по таков пораз би требало да покаже доблест, политичка одговорност и да се повлече од сцената, наместо да продолжува да дели лекции во јавноста.

Инаку вчера, на новинарско прашање на прес-конференција, за тоа дали дали протоколот е дел од Преговарачката рамка, Муцунски неколкупати одговори негативно.

„Мојот став како министер за надворешни работи е дека протоколите, да повторам, тоа е називот на записниците од разговорите, некој одлучил да се наречат протоколи, зошто тоа е направено, еве во тоа да не навлезам, согласно моето толкување и како министер за надворешни и како правник е дека тие не се дел од преговарачката рамка“, рече Муцунски.

На оваа негова изјава регираше Османи:

„Четири години велам дека протоколите не се дел од Преговарачката рамка. Четири години трпам критики, напади и навреди. Четири години цртам на табли, објаснувам, повторувам. Еден чекор поминат – Протоколот не е дел од рамката. Продолжуваме понатаму…“, напиша Османи на Фејсбук профилот.

За потсетување, Османи во август 2023 година објави видео во кое шематски ја црташе преговарачката рамка и објаснуваше дека бугарските протоколи не се дел од самата преговарачка рамка и според него, се билатерални документи меѓу Северна Македонија и Бугарија.

Токму оваа теза е предмет на политички спор. Неговите критичари велат дека, иако текстот на протоколот не е буквално вметнат во рамката, преку упатувањето на спроведувањето на Договорот за добрососедство и член 12 од него, неговата имплементација е поврзана со пристапниот процес.

Формално, пристапните преговори меѓу Северна Македонија и ЕУ веќе започнаа со првата меѓувладина конференција на 19 јули 2022 година. По неа беше спроведен т.н. скрининг-процес, кој заврши во декември 2023 година. Но, суштинските преговори по кластери сè уште не се започнати.

Причината е што Советот на ЕУ постави услов најнапред да бидат усвоени уставните измени, со кои Бугарите треба да бидат внесени во Преамбулата на Уставот. Дури по исполнување на тој услов ќе се одржи следната меѓувладина конференција, на која ќе биде отворен првиот кластер – „Основи“.