„Успешна“, е оценката што претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја даде за билатералната средба што ја имаше со нејзината бугарска колешка Илијана Јотова денеска, 10 јуни, во Софија.
Сепак, јасна беше шефицата на државата, Бугарија нема барања само за уставните измени туку и за историската комисија. Тоа рече им станало јасно и на неа и на министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, кој ја придружува во Софија.
„На обајцата ни стана јасно: не се во прашање само уставните измени туку се во прашање и други барања поврзани со протоколите што произлегуваат од работата на историската комисија. Толку можам засега да кажам“, изјави Сиљановска Давкова.
Таа и Муцунски, како што рече, ги изложиле нивните позиции и видувања, а особено ја потенцирале обврската Бугарија да ги почитува пресудите од Стразбур алудирајќи на предметите што ги пред овој меѓународен суд ги имаат добиено Македонците во Бугарија за почитување на нивните права.
„Особено ја потенциравме обврската на сите членки на Советот на Европа, кои се и членки на ЕУ, да ги почитуваат пресудите на судот во Стразбур бидејќи пресудите важат за сите и сите членки на Унијата имаат судии во судот во Стразбур“, рече Сиљановска-Давкова.
Според неа, македонската страна изразила желба за почести средби со бугарските власти бидејќи како што рече претседателката „колку и понекогаш тоа да изгледа дека нема да вроди со резултат“, дијалогот не е предвидлив.
Уставните измени со кои Северна Македонија треба да ја внесе бугарската заедница во Преамбулата од Уставот се услов земјава да ги отвори поглавјата од преговорите за членство во Европската Унија. Дека тоа е единствената пречка, децидни во изјавите досега беа сите претставници на меѓународната заедница.
Муцунски, претходно во текот на денот, порача дека земјава е заложник на една „некоректна и непринципиелна блокада на европскиот пат“ и оти тоа е она што денеска сакаат да им го објаснат на нивните колеги во Бугарија.
Билатералната средба помеѓу делегациите на двете држави, предводени од претседателките Сиљановска-Давкова и Јотова, се одржа во рамки на Самитот на шефови на држави и влади на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ) што се одржува во Софија.
Дијалогот помеѓу Северна Македонија и Софија беше во ќор-сокак со оглед дека во 2024 година во земјава се одржаа парламентарни и претседателски избори, а Бугарија повеќе години беше во политичка криза поради неуспехот на ниту една партија да формира стабилна влада.
На изборите во април, поранешниот бугарски претседател Румен Радев победи и стана премиер откако беше избрана влада предводена од него на почетокот на мај.
Односите меѓу две држави заладија во 2020 година, кога Софија стави вето за преговарачката рамка за земјава поради спор околу јазикот, историјата и бугарското малцинство.
Со посредство на европските партнери, беше пронајден компромис – Северна Македонија прифати во Преамбулата од Уставот, покрај веќе постоечките, да се додаде и бугарската заедница додека од друга страна, се задржа чистата формулација за македонскиот јазик со тоа што Бугарија даде унилатерална изјава во која го изрази својот став за ова прашање.
Со ваков компромис, на 19 јули 2022 Северна Македонија ја одржа Првата меѓувладина конференција со ЕУ во рамки на пристапниот процес. За да се одржи втората и да почнат да се отвораат поглавјата македонскиот парламент треба да изгласа уставни измени. Актуелната влада во Скопје, составена од ВМРО-ДПМНЕ, ВРЕДИ и ЗНАМ, која беше формирана во јуни 2024, пак е на став дека нема да се впушти во ваков процес додека не добие гаранции дека ќе нема нови билатерални условувања од бугарска страна.
Претходно во 2017, Бугарија и Северна Македонија потпишаа Договор за пријателство, добрососедство и соработка.


