По 11 години, ажурирана листата на есенцијални лекови

Објавено:

Македонија доби ажурирана листа на есенцијални лекови што треба да им бидат достапни на здравствените работници за третман на пациентите. Новата листа опфаќа 372 лекови, од кои 193 се нови, систематизирани во 28 терапевтски области и дополнително поделени во подгрупи.

Листата предвидува и јасни насоки за постапување доколку одреден лек не е достапен, односно која терапија може да се користи како соодветна замена. Меѓу новините е и поделбата на антибиотиците во три подгрупи, како и воведувањето нови терапевтски области. За првпат се опфатени терапии за мултиплекс склероза, цистична фиброза, ХИВ, хепатитис Б и Ц, како и современи онколошки терапии.

„Оваа листа имаше потреба да биде ажурирана претходно, бидејќи во овие 11 години Светската здравствена организација направи неколку поголеми промени на својата листа. Да не чекаме нови 11 години за ажурирање, туку да воспоставиме механизам за редовно ажурирање на листата“, рече министерот за здравство Сашо Клековски.

Тој посочи дека ажурирањето на националната листа е направено врз основа на промените во есенцијалната листа на Светската здравствена организација, а процесот бил спроведен преку Националната платформа за лекови, во која учествувале институциите, стручната јавност и пациентските организации.

Новата листа става акцент и на превенцијата. Така, за првпат е воведена заменска терапија за никотин, која, според Клековски, треба да придонесе кон превентивно делување, меѓу другото и во спречувањето на ракот на белите дробови.

Клековски рече дека промените не мора да се прават на секои шест или 12 месеци, но националната листа треба да го следи ритамот на позначајните промени што ги прави Светската здравствена организација.

Поддршка за овој пристап даде и претставникот на СЗО во Северна Македонија, д-р Акеем Али, кој оцени дека институционализирањето на редовното ажурирање преку новиот Закон за лековите ќе биде клучно за листата да остане релевантна и усогласена со потребите на пациентите.

Од СЗО посочуваат дека поддршката ќе продолжи и во реформите поврзани со здравствените закони, со цел создавање современа и поефикасна регулаторна рамка.

Последни објави