Американскиот претседател Доналд Трамп вели дека ќе му исплати на секој возрасен Американец „дивиденда од Трамп“ од 5.000 долари ако републиканците ја задржат контролата врз Конгресот на среднорочните избори во ноември.
„Ако републиканците победат во Претставничкиот дом и Сенатот – двата дома, поради нашата огромна економска сила и успех, ќе исплатам дивиденда од 5.000 долари на секој возрасен граѓанин на Соединетите Американски Држави. Единствениот услов е оваа дивиденда да мора да се потроши во САД“, рече Трамп во Далас на првата конвенција на Републиканската партија посветена на среднорочните избори.
Но, како што пишува Ројтерс, засега не е јасно како ќе се вршат исплатите или дали тие ќе бидат легални. Со оглед на тоа што во САД живеат околу 270 милиони возрасни лица, ваквиот чекор ќе чини приближно 1,35 трилиони долари (1,16 трилиони евра).
За време на своето обраќање, Трамп се пофали со „двете најдобри години во историјата на претседателството“, ставајќи се себеси во центарот на изборите и покрај постојаниот тренд на пад на неговата популарност.
Сепак, наведуваат дел од американските медиуми, не е јасно дали ваквата реторика на Трамп, која потсетува на онаа од неговата кампања за претседателските избори, ќе им се допадне на неопределени гласачи кои може да бидат одлучувачки фактор, а кои, според анкетите, се дистанцираат од партијата на Трамп поради растечкото незадоволство од трошоците за живот и војната со Иран, анализира Ројтерс.
„Ако ја оставиме иднината на Америка на радикално левите демократи, ќе ни треба цела следна деценија само за повторно да застане на нозе. Гласајте за републиканци и ќе го оставиме остатокот од светот далеку зад себе, со генерации“, рече Трамп.
Дводневниот митинг во Далас, каде што Трамп денеска се очекува да одржи завршен говор по воведниот на потпретседателот Џеј Ди Венс, според Ројтерс, го нагласува степенот до кој судбината на републиканците е поврзана со Трамп, а ја навестува и републиканската стратегија пред среднорочните избори на 3 ноември.


