Чудниот викенд на Трамп: Ја менуваше географијата и се претвораше во суперхерој

Објавено:

Долгиот викенд зад нас можеби беше предолг за Доналд Трамп, кој го помина времето размислувајќи за анексирање на други земји, еднострано менување на имињата на местата што нема право да ги преименува и претворајќи се себеси во суперхерој, пишува Гардијан.

Меѓу низата мемиња и објави што американскиот претседател ги објави на својата платформа Truth Social за време на празничниот викенд во САД за Денот на трудот, беше и бизарно видео создадено со употреба на вештачка интелигенција, кое го прикажува Доналд Трамп како суперхеројот на Вашингтон, Зелениот фенер. Во мемето тој беше прикажан со светлечки зелен прстен на моќ за да го изгради својот граничен ѕид, да осветли сцена со „американски произведени“ стоки и да командува со флота од воени авиони и воени бродови зад себе, пишува Гардијан.

За потсетување, Трамп претходно користеше вештачка интелигенција за да се прикаже себеси како лик налик на Исус Христот, Папата, Супермен и многу други ликови.

Во текот на викендот, тој исто така сподели мапа со американското знаме што се протега низ поголемиот дел од Северна Америка и неколку земји од Централна Америка, како и Гренланд, Исланд и бројни острови од Карибите.

Ова беше причина Исланд да го повика американскиот амбасадор на разговори.

Трамп, исто така, „тврдеше“ и дека Месечината е на САД.

Американскиот претседател го поминува го помина поголемиот дел од својот втор мандат задевајќи ја Канада со повторени предлози да ја направи 51-ва американска држава преку употреба на „економска сила“ и агресивно притискајќи за анексија на Гренланд, самоуправна данска територија, предизвикувајќи голем геополитички спор.

Тој, исто така, се закани со воена акција во Мексико, Куба и Колумбија, се закани и дека ќе го преземе Панамскиот канал и размислуваше за преземање на други земји, вклучувајќи ги Микронезија и Маршалските Острови.

Меѓу објавите за Денот на трудот беше и мапа на американската држава Ново Мексико, со прецртан збор „Мексико“ и заменет со „Америка“.

Неколку часови подоцна, тој објави нешто што изгледаше како видео генерирано од вештачка интелигенција на кое тој го преклопува зборот „Америка“ врз зборот „Мексико“ на знакот „Добредојдовте во Ново Мексико“.

Предлогот на Трамп за преименување на Ново Мексико во „Нова Америка“ доаѓа во време кога се интензивираат напнатите трговски разговори со Мексико.

Исто така, ова доаѓа веднаш откако Трамп потпиша извршна наредба со која ѝ наложи на федералната влада да го преименува езерото Онтарио во „Езеро Америка“, во услови на ескалација на трговската војна со Канада откако во разговорите минатиот месец не успеаја да постигнат договор.

Трамп, исто така, се пошегува дека Атлантскиот или Тихиот Океан би можеле да се преименуваат и дека Ормутскиот Теснец би можел да се нарече „Трамповиот Теснец“.

Кога еден новинар го праша за таа последна идеја во Овалната соба минатата недела, тој одби да даде објаснување.

Во случајот со Ново Мексико, чие име датира од пред основањето на Соединетите Американски Држави и е експлицитно загарантирано во неговиот Устав, Трамп нема законско овластување да го преименува. Исто како што е случај и со која било американска сојузна држава.

Секоја промена на нејзиното име би морала да дојде од самата држава и би барала формален уставен амандман.

Иако со неговата наредба за преименување во „Езеро Америка“ тој им наложува на федералните агенции да го користат новото име на американските мапи, документи и бази на податоци, Трамп нема овластување да го преименува канадскиот дел од езерото, ниту да ја принуди Канада, меѓународните правни тела, меѓународните картографи или остатокот од светот да го прифатат новото име.

Последни објави