„Алта банка Битола“ смирува по одлуката за одземање на дозволата на „Алта банка Србија“

Објавено:

По одлуката за одземање на дозволата за работа на „Алта банка“ во Србија, АЛТА банка АД Битола, денеска излезе со соопштение со кое ја информира јавноста дека банката е самостојно правно лице, регистрирано во Република Северна Македонија, кое работи согласно домашната законска регулатива и е под непосредна супервизија на Народната банка на Република Северна Македонија.

„АЛТА банка АД Битола е ликвидна и продолжува со редовно и непречено работење. Сите експозитури и банкомати во вообичаениот режим, а клиентите имаат непречен пристап до своите средства. Клиентите можат слободно да располагаат со своите депозити, да подигнуваат готовина и да ги извршуваат сите банкарски трансакции, согласно вообичаените услови на работење. Настаните поврзани со банката во Србија не значат автоматски промена на финансиската состојба или правниот статус на АЛТА банка АД Битола. Дополнително, нагласуваме дека околностите во Република Северна Македонија се суштински различни од оние во Србија. АЛТА банка АД Битола не е предмет на политички притисоци и пресметки од карактерот на оние што ги одбележаа случувањата во Србија. Банката работи врз основа на професионални, деловни и регулаторни принципи“, соопшти АЛТА банка АД Битола.

Банката располага со сопствен капитал, средства и обврски, а нејзиното работење е под континуирана супервизија на Народната банка. Депозитите на физичките лица се осигурени преку Фондот за осигурување на депозити, согласно законските услови и лимити.

„Ги уверуваме нашите клиенти дека Банката продолжува со редовно работење и исполнување на своите обврски. Нивните средства им се достапни и нема ограничувања во користењето на банкарските услуги надвор од вообичаените услови на работење. АЛТА банка АД Битола останува посветена на заштитата на интересите на своите клиенти, финансиската стабилност и одржувањето на довербата“, се наведува во соопштението.

Реакција по случувањата со Алта банка во Србија

Реакцијата од Алта банка Битола следува откако Извршниот одбор на Народната банка на Србија донесе одлука за одземање на дозволата за работа на АЛТА банка АД Белград.

Во соопштението од Народната банка се наведува дека извршниот одбор констатирал оти на одземањето на дозволата му претходеле контролни активности насочени кон зголемување на ликвидноста на банката.

„Утврдено е дека во изминатиот период финансиската состојба на банката значително се влошила и дека постои можност за дополнително влошување на нејзината финансиска состојба или ликвидност, со што се загрозени интересите на депонентите. Имајќи предвид дека се исполнети условите за одземање на дозволата за работа на банката, во согласност со Законот за банки, Народната банка на Србија ја донесе наведената одлука со цел да ги заштити интересите на депонентите и да ја зачува стабилноста на финансискиот систем“, информираат од Народната банка на Србија.

Додаваат дека Агенцијата за осигурување на депозити во рок од седум работни дена ќе овозможи исплата на осигурените износи и располагање со средствата на депонентите, во согласност со Законот за осигурување на депозити.

Наводно изнесување пари од банката во Србија

Алта банка е во фокусот на јавноста и во Србија и во Македонија откако излегоа информации за наводно изнесување пари од оваа банка кон сметки и правни лица во Скопје и Москва. Станува збор за банка која важеше за блиска до власта на Александар Вучиќ, кој изгуби на парламентарните избори на 25 октомври.

Првичната информација во јавноста ја сподели српскиот адвокат Иван Ниниќ кој не кажа за која банка станува збор, но рече оти има оперативни сознанија дека почнувајќи од 26 октомври една од банките започнала процес на „интензивни и забрзани трансфери на средства (ликвиден капитал) во странство, поточно на сметки и правни лица лоцирани во Москва и Скопје, каде именуваната банка односно лица поврзани со неа поседуваат сопственички удел во банкарскиот и осигурителниот сектор“.

Истите тврдења за трансфер на пари потоа беа изнесени и од кандидатката од Студентската листа, Сара ел Сараг, при гостувањето на Н1 ТВ. За овие наводи вчера се огласи и македонската Народна банка.

Гувернерот Трајко Славески во изјава за српските медиуми порача оти „Народната банка на Северна Македонија го следи работењето на сите банки, нивната ликвидност, капиталната позиција и изложеноста на ризици“, како и дека „банкарскиот систем е стабилен и отпорен, под постојан супервизорски надзор“.

Реакции во Македонија

На оваа тема се огласија и од опозициската СДСМ. Бараат Обвинителството уште денеска да ги преземе сите мерки и да поведе кривични постапки против премиерот Христијан Мицкоски, гувернерот на Народната банка Трајко Славески и сите други што учествувале во процесите околу Алта банка.

„Мицкоски и неговата банда мораат да одговараат за штетата што им ја нанесоа на граѓаните на Македонија и на угледот на државата“, се вели во соопштението на СДСМ.

Блокада

Според податоците на Народната банка на Србија, АЛТА банка е во блокада од 30 октомври 2026 година.

Инаку српска Алта банка е на македонскиот пазар од минатата година кога ја презеде Стопанска банка – Битола. За оваа банка дел од српските медиуми во минатото пишуваа дека е блиска до доскорешниот српски претседател Александар Вучиќ, кој на предвремените парламентарни избори на 25 октомври изгуби од Студентската листа.

АЛТА банка во последните години била задолжена за најголемите финансиски трансакции во Србија.

Нејзини клиенти биле државни компании кои ја заобиколиле државната Поштенска штедилница и ги префрлиле сите уплати на сметките во оваа банка. Меѓу нив најпозната и најголема е Електростопанството на Србија (ЕПС), преку кое се плаќаат сметките за електрична енергија, а клиенти биле и Автомото-сојузот на Србија и белградската служба за паркирање.