Полскиот претседател Карол Навроцки свика итни консултации со претставници на парламентарните партии поради ескалацијата на судирот околу Уставниот суд, кој предизвика сериозна политичка криза во земјата.
„Поради заканата за внатрешната безбедност на Република Полска, денеска свикувам итни консултации со учество на претставници на парламентарните сили, со цел стабилизирање на политичката ситуација и обновување на уставниот поредок“, изјави шефот на кабинетот на Навроцки, Павел Шефернакер.
Инаку Навроцки вчера ја прекина официјалната посета на Сенегал и се врати во Полска, откако полицијата влезе во просториите на Уставниот суд, а претседателот на таа институција, Богдан Свјенчковски, беше суспендиран. Полицијата објави дека нејзините полицајци влегле во просториите на Уставниот суд по инцидентите пред зградата, за време на кои, меѓу другото, кон полицајците биле фрлани опасни предмети.
Долготрајниот политички спор околу Уставниот суд доведе до речиси целосна парализа на таа институција.
Навроцки, кој е сојузник на поранешната националистичка влада на партијата Право и Правда (ПиС), одбил да положи заклетва пред тројца од шесте судии, назначени од парламентот оваа година. Свјенчковски пак, кој беше заменик-министер за правда за време на владеењето на ПиС, одби да им дозволи на судиите избрани од сегашното парламентарно мнозинство да ја преземат функцијата.
Во меѓувреме, полскиот премиер Доналд Туск изјави дека враќањето на владеењето на правото е должност на владата.
„По години беззаконие под власта на ПиС, овој процес е тежок, понекогаш дури и болен и бара решителна акција. Нема друг начин“, напиша Туск на X.
Министерот за правда Валдемар Зурек им изјави на новинарите дека побарал укинување на имунитетот на Свјенчковски и неговиот заменик поради неисполнување на своите должности, односно спречување на судиите да ги извршуваат своите должности.
Политичарите на ПиС, вклучувајќи го и лидерот на партијата Јарослав Качински, ја обвинија владата на Туск за спроведување државен удар против Уставниот суд.


