Чешка ќе ѝ помогне на Полска доколку биде нападната од Русија

Објавено:

Чешка го почитува принципот на колективна одбрана во НАТО и ако Полска биде нападната, сигурно ќе ѝ дојде на помош согласно со членот 5 од Договорот на Алијансата за колективна одбрана, изјави чешкиот премиер Андреј Бабиш.

По седницата на Владата, тој додаде дека не сака да ја коментира изјавата на словачкиот премиер Роберт Фицо, кој минатата недела ја оспори колективната одбрана и јасно рече дека Словачка нема да му дојде на помош на нападнат сојузник „поради член 5“.

Бабиш на прес-конференција во Прага изјави оти нема информации од разузнавачките служби дека Чешката Република би била загрозена од руски напад со беспилотни летала и ракети, иако минатата недела за првпат изјави дека Русија навистина води хибридна војна против неговата земја.

„Полска е во поинаква ситуација бидејќи војната во Украина се одвива во нејзина непосредна близина. Доколку нешто се случи, секако дека ќе ѝ помогнеме на Полска во согласност со Член 5“, рече Бабиш.

Тој рече дека разговарал и со претседателот на Чешка, Петер Павел, во врска со информациите што ги имаат чешките разузнавачки служби дека во наредните месеци Европа може да очекува ескалација на хибридните напади од Русија и оти чешката влада се засилува и ги презема сите потребни безбедносни мерки.

„Гледаме што се случува во Европа и во светот. Можам само да го повторам она што постојано го кажувам дека Европа конечно треба да почне да преговара за мир и да не го остава сам претседателот Трамп“, рече Бабиш.

Последни објави