Kазна во висина од 5.000 евра изрече денеска Струшкиот основен суд за поранешниот градоначалник на Општина Струга, Рамиз Мерко, за незаконско поставување спомен обележје – плоча на влезот на општинската зграда. Со поставувањето на плочата, според обвинението, поттикнал етничка омраза и раздор меѓу жителите на Струга, со што сторил кривично дело предвидено во член 27 од Законот за меморијални споменици и спомен-обележја.
Судот, како што истакна на денешното рочиште судечкиот судија Јордан Јованов, оцени дека постои одговорност кај обвинетиот за кривичното дело што му се става на товар.
„Во контекст на она што го изнесе одбраната, дека наводно не било јасно кој ја поставил плочата, од целокупната документација којашто се водела и во рамки на прекршочната постапка и во рамки на оваа постапка, произлегува дека плочата е поставена на зградата на Општината, којашто ја претставува обвинетиот како тогашен градоначалник. Ниту во рамките на прекршочната постапка не било спорно, односно со самото тоа што тој дал налог за плаќање на тоа, признал дека не е испочитувана процедурата за поставување на плочата, а во доказите во оваа постапка, пред сè судот се раководеше од мислењето на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, повторно е утврдено дека вознемирувањето продолжено го сторил обвинетиот како градоначалник на Општината“, појасни судијата.
За случајот, нагласи, се воделе две постапки, од кои едната била прекршочна, меѓутоа таа се поврзува со незапазување на процедурата за подигнување на спомен-обележјето и за таа е издаден прекршочен платен налог, меѓутоа тоа се однесува на било какво спомен-обележје, вклучително и на оние коишто не поттикнуваат или разгоруваат верска и етничка омраза.
„Додека во конкретниот случај, како што кажавме, пред сè се засновува на она мислење на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, којашто било тужено од страна на одбраната со тужба пред Управниот суд, таквата тужба била отфрлена со решение и потврдена од Вишиот управен суд, што значи дека мислењето е валидно, останува во сила, а е изготвено врз база на мислење на стручни лица од Институтот за национална историја, од каде што е побарано мислење дали она што симболизира таа плоча може да поттикнува или разгорува верска или етничка омраза“, истакна Јованов во образложението на судската одлука.
Мерко пак во завршните зборови, денеска пред судот кажа дека нема никаква врска со поставување плоча на зградата на Општина Струга, туку дека за тоа се изјазниле од Здружението на пензионери албанци кои, според него, признале дека тие ја поставиле таа плоча на денот кога секоја година држеле академија за албанската азбука. За плочата кажа дека дознал од државни инспектори за култура кои и изрекле казна на Општината со забелешка дека ако се исплати казната од Општината ќе бидат ослободени пензионерите и ќе се затвори предметот.
Мерко беше осуден со парична казна за незаконско поставување директори во шест училишта во општината, од кои правосилни се пет, а беше ослободен од вина за набавка на службено возило Ауди А6.


