Службениот автомобил „Ауди А6“ кој за Општина Струга го купи поранешниот градоначалник Рамиз Мерко, денеска е продадено на јавна аукција за околу 22.000 евра, објави општината на социјалната мрежа Фејсбук.
„Озлогласеното службено возило, кое беше симбол на прекумерниот луксуз на поранешниот градоначалник на Општина Струга, денеска беше продадено за 22.000 евра, со што се намалува јавниот долг на нашата општина. Возниот парк на Општина Струга треба да располага со возила кои се неопходни за ефикасно и нормално функционирање на општинската администрација. Овој пристап, насочен кон намалување на трошоците и на јавниот долг, ќе ни помогне во наредните години да создадеме услови за уште поголем развој на Општина Струга“, објави општината.
Според Општина Струга, на јавната аукција учествувале деветмина заинтересирани понудувачи од Струга, Охрид, Битола и од Скопје. Највисоката понуда за автомобилот ја дала фирма од Битола.
Со парите ќе се враќаат општински долгови.
Продажбата на „аудито“ беше едно од првите ветувања на актуелниот градоначалник Менди Ќира по стапувањето на функцијата. Но во меѓувреме автомобилот беше запленет од извршител од Охрид, поради финансиски обврски на општината.
Мерко го купи „аудито“ пред седум години за 67.000 евра, поради што беше обвинет за злоупотреба на службената положба оти го набавил автомобилот во време кога Општината била со блокирана сметка. Судот го ослободи поради непостоење основ за кривична одговорност.


