На критични локации низ Општина Центар денеска (понеделник) повторно се спроведува дератизација – чекор кој го најави локалната власт откако последните неколку денови поголем број граѓани и здруженија, на социјалните мрежи, објавуваат фотографии од глувци по улиците на нивните населби. Дел од фотографираните глодачи се големи мртви стаорци од кои, како што објавуваат скопјани, се шири реа додека птици ја растргаат мршата.
Според објавите на социјалните мрежи, најалармантно е во скопски Буњаковец, кај училиштето „Песталоци“, но и во Драчево во Општина Кисела Вода.
Од Центар велат дека правеле дератизација пред неполн месец, а од почетокот на годината правеле и на пролет, како и две вонредни дератизации.
„Општинските служби континуирано ја следат состојбата и реагираат секаде каде што има потреба. Но, дератизацијата сама по себе не е доволна. Нередовното чистење на контејнерите, натрупувањето и несоодветното оставање отпад создаваат услови за појава на глодари“, наведуваат од Центар.
Исто така, апелираат до граѓаните редовно да ги одржуваат дворовите, подрумите и заедничките простории во зградите.
Во продолжение пренесуваме дел од фотографиите што ги објавија „Во одбрана на Буњаковец“ и „Драчево – Моја населба“.











