Странски ловци убиваат дивокози на македонските планини и ја пијат крвта на застреланите животни – Ова е една од сцените на видеото објавено на Јутјуб пред осум месеци со наслов „Лов на дивокози од светска класа во планините на Македонија“. Во видеото, поставено на каналот „Ловечките авантури на Педро Ампуеро“, првин се прикажани ловци кои со оружје опремено со оптички нишани ловат дивокози, а потоа, во друга сцена ја собираат крв од убиената дива коза во сад и ја пијат.
Една од сцените укажува дека видеото, или дел од него, е снимено во Националниот парк „Маврово“, бидејќи странските ловци се придружувани од возило со ознаки на јавната установа.
Еко-свест: Мораториум за секакви активности
Видеото го пренесе новинската агенција „Мета“, заедно со извештај од денешната прес конференција на граѓанската организација „Еко-свест“.
„Еко-свет“ денеска апелираа до Владата и до Министерството за животна средина итно да ја финишираат постапката за репрогласување на паркот, а во меѓувреме да воведат мораториум за секакви активности. Претставници на огранизацијата денеска оддржаа и прес-конференција на која говореа за проблемот и ги изложија своите барања до Владата и надлежните институции.
„И покрај законските обврски, процесот за негово повторно прогласување сè уште не е завршен. Тоа значи дека ‘Маврово’ и понатаму нема клучни механизми за современо и ефикасно управување – нов закон, план за управување и просторен план. Во меѓувреме, продолжуваат активности што можат да влијаат врз природните вредности на паркот, вклучително и комерцијална сеча, комерцијален лов и поддршка на проекти за мали хидроелектрани. Дополнителна загриженост предизвикува и несогласувањето со научните наоди и предложеното зонирање од Студијата за валоризација, која е изработена со јавни и донаторски средства“, велат од „Еко-свест“.
НП Маврово: Ловците се од шпанско ловно друштво
За видеото „Лов на дивокози од светска класа во планините на Македонија“, пак, од Националниот парк „Маврово“ велат дека станува збор за санитарен отстрел на диви животни заради здравствена состојба.
„Отстрелот е дел од Програмата за одгледувачки мерки, која ја одобруваат Министерствата за животна средина и за земјоделство и се однесува на следење на здравствената состојба на дивиот свет во паркот. Кога ќе добиеме согласност за отстрел на одреден број диви животни отпочнуваме со процесот. Тоа го објавуваме и се пријавуваат ловни друштва од кај нас или од странство. Ако странци изразуваат интерес им праќаме покана. Кога се врши отстрелот, движењето за таа намена низ националниот парк задолжително е во наше присуство“, изјавил за „360 степени“ директорот на НП „Маврово“, Харис Ибраими.
Според него, ловците од видеото се од шпанско ловно друштво, а примероци од дивечот се испраќаат на проверки во ветеринарни институти.


