Во Србија од денеска до петок ќе трае исплатата на еднократна финансиска помош од 6.000 динари, а околу 1,7 милиони луѓе аплицирале за неа преку порталот на Управата за финансии.
Според податоците на српскиот министер за финансии во технички мандат, Синиша Мали, 1.696.000 граѓани аплицирале за исплата на еднократен паричен надомест, а речиси три милиони го провериле својот статус во Фондот на акционери.
Еднократната помош е дел од поширок пакет поддршка за граѓаните во вредност од 980,6 милиони евра, што вклучува претходно исплатени еднократни бенефиции, поевтини лекови, ваучери за пензионери, рече Мали.
Опозициските партии и независните медиуми ја обвинуваат власта дека оваа акција е типичен изборен поткуп.
Дел од студентското движење порача дека граѓаните треба да ги земат парите, но оти тоа не значи дека му должат глас на кого било.
Организацијата која го следи изборниот процес, ЦРТА, оцени дека економските мерки во периодот пред изборите создаваат сомнеж за злоупотреба на јавни ресурси за создавање изборна предност.


