Три дена терените во Општина Илинден беа претворени во голема фудбалска сцена на која главната улога ја имаа најмладите. На „Илинден Куп 2026“ се сретнаа младински екипи од Македонија и регионот, а наместо резултатите, барем за најголемиот дел од нив, најважни беа играта, дружењето и искуството.

Од раните утрински часови топката беше во движење. На терените се слушаа тренерски совети, детски довикувања и навивање од трибините и покрај аут-линиите. За едни натпреварите беа прва можност да се соочат со врсници од други земји, додека за други уште еден чекор до победа и нов медал.

Во конкуренција се појавија и звучни имиња од регионалниот младински фудбал, меѓу нив Црвена звезда, Партизан, Динамо Загреб, Хајдук, Сараево и Војводина, заедно со македонски фудбалски школи и клубови.

Турнирот, организиран од Фудбалската школа „Грозданоски“, во текот на трите дена донесе десетици натпревари, голови, пресврти и елиминациски дуели.

Но, покрај фудбалот, терените беа и место за запознавање, децата по натпреварите продолжуваа со дружењето, разменуваа дресови и создаваа пријателства кои тешко се мерат со табела и пласман.

Дел од децата на паузите ги тестираа своите вештини и во други спортови под сенка.

Сонцето ги натера родителите на „креативност“.

Секое дрвце беше искористено за мала сенка.

Последниот ден донесе борба за завршните пласмани и финалните натпревари. Со последниот свиреж заврши уште едно издание на „Илинден Куп“, но за младите фудбалери турнирот веројатно нема да заврши со доделувањето на медалите.

За некои, трите дена во Илинден беа само уште еден турнир. За други, можеби беа првиот голем чекор кон нешто многу поголемо.


