Филипче: Кочоска лаже за Алта банка, да си поднесе оставка

Објавено:

Државниот обвинител Ненад Савески, пак, денеска (5 ноември) изјави дека Јавното обвинителство ги следи случувањата со Алта банка и ако детектираат нешто што е поврзано со кривичен правен настан, немаат друг избор освен да реагираат.

„Гордана Димитриеска Кочоска да си поднесе оставка, лаже за Алта банка“, обвинува лидерот на опозицискиот СДСМ, Венко Филипче и бара Основното јавно обвинителство да отвори истрага за Христијан Мицкоски и за министерката за финансии Кочовска, како и да се вклучи и Европското обвинителство за да се провери текот на сите пари за Алта банка.

„Не само што била информирана, туку Владата на Мицкоски токму на предлог на Кочовска носела Заклучоци директно поврзани со понудата за преземање акции од страна на Алта Банка АД Белград на 16 јавни институции. Еве го Записникот. Седницата на Владата од 23 септември 2025 година. Владата им укажувала да дадат писмена изјава за прифаќање/одбивање на понудата на Алта банка. Дали ова значи дека биле во директна комуникација со Давор Мацура и му овозможувале да се стекне со поголем пакет акции на сметка на државата?“, обвинува Филипче кој објави и фотографии од записници од седница на влада во септември лани.

Обвинувањата на опозицискиот лидер доаѓаат откако претходно министерката за финансии во изјава за ТВ Телма негираше дека била консултирана од страна на гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, за влезот на Алта банка на македонскиот пазар и преземањето на Стопанска банка Битола.

Славески, пак, во емисија на истата телевизија на 2 ноември рече дека пред влезот на Алта банка направиле консултации со, како што рече, „политичките фактори, со Владата“. За нив, рече гувернерот, „беше многу битно да се спаси нешто што беше пред сигурен банкрот, а тоа беше Стопанска банка Битола“.

Алта банка ја презеде Стопанска банка АД Битола во септември 2025 година.

Премиерот Христијан Мицкоски, пак, денеска исто така се дистанцираше од постапката за влезот на Алта банка.

„Банката ја купува приватно лице од приватни сопственици, трансакцијата се прави во Народната банка, а не во Владата и нема потреба Владата и Министерството за финансии да бидат информирани. Целата трансакција се прави во Народната банка“, рече Мицкоски.

Сепак, премиерот посочи дека државата преку неколку јавни претпријатија, за кои зборува и Филипче во објавата, имала свои акции во Стопанска банка Битола. Меѓутоа, во септември 2025 – кога се случуваше продажбата кон Алта банка тие не ги отуѓиле односно продале акциите бидејќи биле локалните избори.

„Откако ја добивме информацијата дека акционерите ги продале акциите на новиот сопственик [Алта банка], немаше повеќе смисла ние да остануваме сопственик со 2-3 проценти. Веднаш по локалните избори донесовме одлука да им наложиме на јавните претпријатија да ги понудат акциите“, додаде Мицкоски.

Додека Филипче бара истрага за премиерот и министерката за Алта банка, Мицкоски го повика обвинителството да реагира за „паниката и хистеријата“ што ја шират социјалдемократите обвинувајќи ги дека прават саботажа и ги одвраќаат потенцијалните купувачи на Алта банка.

Државниот обвинител Ненад Савески, пак, денеска (5 ноември) изјави дека Јавното обвинителство ги следи случувањата со Алта банка и ако детектираат нешто што е поврзано со кривичен правен настан, немаат друг избор освен да реагираат.

Алта банка во Србија влезе во стечајна постапка откако падна власта на Александар Вучиќ. Контроверзниот сопственик на оваа банка, Давор Мацура, кој важи близок до Вучиќ, се наоѓа во притвор. Стечајот започна по информациите дека од сметките во оваа банка во Србија по изборите се изнесуваат милионски суми пари.

Ова индиректно се одрази и во Македонија, каде, според изјавите, Народната банка го презема управувањето со Алта банка АД Битола.

Гувернерот Славески најави продажба на акциите од оваа банка, додека Мицкоски посочи дека ако ова не успее, тогаш банката ќе оди во стечај, но увери дека има доволно пари за да се исплатат сите заштеди што на сметките во Алта банка ги чуваат граѓаните и фирмите.