Од вечерва на полноќ, почнува предизборниот молк за вториот круг од предвремените избори за градоначалник во Општина Брвеница.
Во вториот круг в недела (1 ноември) пред жителите на оваа општина на гласачкото ливче ќе се најдат двајца кандидати: Стојанче Радичевски од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата и Аркин Јахи од ДУИ која ја предводи коалицијата Национална алијанса за интеграција (НАИ).
Во првиот круг на 18 октомври, Радичевски освои 2.953 гласа, а Јахи 2.152.
Како третопласиран со 1.528 гласа заврши Јакуп Хусеини од ВЛЕН, партијата која е коалициски партнер на ВМРО-ДПМНЕ на централно ниво.
На четврто место, пак, беше Јовица Радески од опозицискиот СДСМ со 706 гласа.
Во првиот круг имаше и двајца независни кандидати – Душан Богдановски и Арифе Идризи кои освоија 55 односно 21 глас.
Предвремените избори се одржуваат откако почина поранешниот градоначалник на оваа општина, Јовица Илиевски, кој како кандидат на ВМРО-ДПМНЕ победи на локалните избори пред една година.
Брвеница е општина која се наоѓа во Полошкиот регион, која до 1996 година беше составен дел од Општина Тетово.
На пописот во 2021-та, во Брвеница се попишани вкупно 18.319 лица од кои 13.645 се резидентно население.
Од резидентното население, најбројни се Албанците – 7.737, Македонци се 5.715. Остатокот се од други етнички заедници или се лица за кои нема податок за етничката припадност.


