ДИК изброи: Кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ во втор круг во Брвеница

Објавено:

Во Општина Брвеница ќе има втор круг од предвремените избори за градоначалник во кој ќе се соочат кандидатите на коалициите предводени од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, Стојанчо Радичевски и Аркин Јахиј, покажуваат првичните резултати на Државната изборна комисија (ДИК).

Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Радичевски, освои 2.943 гласа или 38,9%, додека на ДУИ, Јахиј, има 2.152 гласа или 28,45%, покажуваат податоците од ДИК на обработени 100 отсто од избирачките места.

Втор круг се одржува кога ниту еден од кандидатите нема да освои 50% плус 1 глас од вкупниот број граѓани што излегле на гласање, доколку излезноста е една третина од вкупниот број избирачи или 33,33%. Условот за излезност денеска беше исполнет и таа изнесуваше 46,56%.

Третопласиран е Јакуп Хусеини од ВЛЕН со 1.528 гласа (20,2%), а на четврто место е Јовица Радески од СДСМ и коалицијата со 706 гласа (9,33%).

На петто и шесто место завршија независните кандидати Душан Богдановски со 55 гласа (0,73%) и Арифе Идризи со 21 гласа (0,28%).

dik-rezultati-brvenica-2
Резултати од првиот круг избори за градоначалник во Брвеница, 18 октомври 2026 г. / Извор: ДИК

Неважечки се 160 гласачни ливница.

Право на глас на овие избори имаа 16.256 граѓани. 

Ова се втори избори за градоначалник во период од околу една година. Тие се распишаа откако почина поранешниот градоначалник Јовица Иливски од ВМРО-ДПМНЕ.

Предвремените избори во Брвеница следуваат откако почина градоначалникот Јовица Илиевски кој беше избран на функцијата на редовните локални избори што се одржаа на 19 октомври (прв круг) и 2 ноември 2025 (втор круг).

Брвеница е општина која се наоѓа во Полошкиот регион, која до 1996 година беше составен дел од Општина Тетово.

На пописот во 2021-та, во Брвеница се попишани вкупно 18.319 лица од кои 13.645 се резидентно население.

Од резидентното население, најбројни се Албанците – 7.737, Македонци се 5.715. Остатокот се од други етнички заедници или се лица за кои нема податок за етничката припадност.