Турска „драма во три чина“ во Скопје, приведени турски државјани за обид за убиство

Објавено:

Двајца мажи биле повредени во напад во стан на улицата „Прашка“ во Скопје. Едниот бил избоден повеќепати со нож, а другиот бил повреден во раката додека се обидувал да ги оттргне напаѓачите, според информациите од скопското Обвинителство.

За обид за убиство се осомничени тројца турски државјани. Според истрагата на Обвинителството, еден од нив им ја покажал на другите двајца зградата во која престојувале нападнатите, исто така турски државјани, и им ја дал шифрата за влез.

Откако влегле во станот, двајцата осомничени нападнале еден од мажите со нож. Обвинителството се сомнева дека со повеќето убоди се обиделе да го убијат. Вториот маж бил повреден додека се обидувал да го спречи нападот.

По нападот, сите тројца осомничени се обиделе да ја напуштат земјава преку граничниот премин Блаце. Двајца биле запрени и приведени, а третиот, осомничен дека им помогнал да стигнат до станот, според информациите од граничните власти, успеал да избега на Косово.

„За двајца кои биле запрени и приведени е поднесен предлог за определување мерка притвор“, се вели во соопштението од Обвинителството.

Обвинителството отворило истрага против напаѓачите. За осомничениот кој избегал побарало притвор што би се спровел по неговото пронаоѓање и приведување, со цел да биде распишана меѓународна потерница. Во соопштението нема информации за здравствената состојба на повредените, ниту за можниот мотив за нападот.