Избори за чешкиот Сенат- пораз на премиерот Бабиш

Објавено:

Прозападните опозициски партии постигнаа голема победа во вториот круг од изборите во Чешка, на кои се гласаше за пополнување на една третина од местата во Горниот дом на Парламентот- Сенатот, со што ѝ нанесоа удар на владејачката коалиција предводена од премиерот Андреј Бабиш.

Со сите преброени гласови од страна на Заводот за статистика, центристичкото Движење на незадоволни граѓани (АНО) на популистичкиот милијардер не успеа да освои ниту едно место.

Од гласачите беше побарано да утврдат кој ќе пополни 27 од 81-те места во Сенатот во дводневниот втор круг од изборите.

Опозицијата ја задржа контролата врз Горниот дом. Кандидатите директно поврзани со опозицијата освоија 22 места.

АНО претходно имаше само едно место, но сега го изгуби и тоа.

Во Чешка, Долниот дом има водечка улога во законодавниот процес, но Сенатот игра важна улога во протуркувањето на уставните измени и одобрувањето на номинациите за уставни судии.

Изборите беа првиот тест за Бабиш откако се врати на власт во октомври 2025 година по убедливата победа на парламентарните избори, пренесуваат агенциите.

Тој формираше владина коалиција со две помали евроскептични партии, чија програма, меѓу другото, вклучува и намалување на помошта за Украина.

Неговите коалициски партнери, исто така, не успеаја да освојат ниту едно место на изборите.