Калифорнискиот оддел за образование соопшти дека хакер пристапил до податоците на милиони ученици, вклучувајќи ги нивните имиња, датуми на раѓање, адреси и информации за попреченост, искористувајќи го системот на непрофитна организација која соработува со државата.
Хакерот пристапил до податоците на „сите ученици запишани во текот на претходните три учебни години“, соопшти Одделот.
Според неговите податоци, во учебната 2025/2026 година во Калифорнија биле запишани повеќе од 5,7 милиони ученици.
Непрофитната организација „Educational Testing Service“ во петокот почнала да ги известува учениците и нивните семејства за протекувањето на податоците.
Според Одделот за образование, безбедносниот пропуст бил откриен кон крајот на минатиот месец, но било утврдено дека нападот траел уште од мај.
Калифорниската агенција наведува дека организацијата на 25 септември открила безбедносен пропуст поврзан со системот за безбеден пренос на датотеки, по што започнала истрага.
„Истрагата утврди дека неовластено лице ги искористило компромитираните податоци за најава за да пристапи до системот и да копира датотеки што содржат информации за учениците во Калифорнија.
Тоа се случувало во повеќе наврати, во периодот од 22 мај до 18 септември 2026 година“, соопшти Одделот за образование.
Одделот соопшти дека „Educational Testing Service“ засега не утврдил дека некој од украдените податоци бил јавно објавен.
Додаде дека хакерите немале пристап до броевите на социјалното осигурување ниту до чувствителните финансиски податоци.
„Educational Testing Service“ во Калифорнија спроведува тестирања на знаењата на ниво на целата сојузна држава, вклучувајќи и процени на познавањето на англискиот јазик.


