Итно донесување на сеопфатна Национална стратегија против сиромаштијата, по примерот на Европската стратегија против сиромаштија, со која Европската комисија постави јасна цел за целосно искоренување на сиромаштијата до 2050 година, бара Македонската платформа против сиромаштијата од Владата.
Во отвореното писмо по повод 17 Октомври, Меѓународен ден за борба против сиромаштијата, платформата упати неколку барања до Владата.
Меѓу другото, тие бараат итно спроведување на Европската гаранција за децата, универзален детски додаток и мерки за превенција на детската сиромаштија; вклучување на домувањето во социјалните политики, со фокус на домувањето како човеково право, превенција на бездомништво, достапно домување за младите; заштита на граѓаните од нереалните цени на пазарот и незаконските пракси на правните субјекти; развој на услуги за ранливите категории на граѓани, вклучително и вложувања за зголемување на пристапот до градинки, социјални услуги за деца со попречност и услуги за грижа и нега за стари лица; намалување на сиромаштијата помеѓу вработените преку соодветна и доследна имплементација на механизмите за заштита и надзор врз работничките права.
Во отвореното писмо до Владата се вели дека 22% од граѓаните живеат под линијата на сиромаштија и оти 29,5% од децата живеат во сиромаштија.


