Жителите на Општина Брвеница денеска избираат нов градоначалник на предвремените локални избори на кои учествуваат шест кандидати.
Изборите се распишани по смртта на градоначалникот Јовица Илиевски, кој почина на 23 јуни годинава, на 58-годишна возраст.
За градоначалничката функција се натпреваруваат 4 кандидати предложени од политички партии и коалиции, како и двајца независни кандидати.
Во општината има 16.256 запишани гласачи а гласањето се одвива на 24 избирачки места.
За некој од кандидатите да победи уште во првиот круг, потребно е да освои повеќе од половината од гласовите на избирачите што гласале, при исполнување на законскиот услов за излезност. Ако ниту еден кандидат не ги исполни условите, двајцата со најмногу гласови ќе се соочат во вториот круг, кој би бил одржан по две недели.
Предизборната кампања во голема мера беше насочена кон локалните проблеми- патиштата, водоснабдувањето, канализацијата, училиштата, комуналните услуги и можностите за младите.
Неделното гласање ќе одлучи кој ќе ја преземе општината во периодот по смртта на Илиевски и кој од кандидатите ќе добие мандат да ги реализира ветените проекти. Во фокусот остануваат локалниот развој, квалитетот на општинските услуги и политичките односи што се пресликуваат и на национално ниво.
Инаку, вчера гласаа болните и изнемоштени лица, како и затворениците и лицата што издржуваат мерка притвор.
Според податоците на Државната изборна комисија (ДИК), од вкупно регистрирани 88 болни или немоќни, своето право на глас го оствариле 85 лица.
Од вкупно девет лица запишани во Избирачкиот список, а се на издржување на казна затвор или притвор, своето право на глас го оствариле седуммина. Од ДИК информираат дека гласањето на овие лица се спроведувало во три казнено-поправни установи на територијата на државава, и тоа во градовите Скопје, Штип и Тетово.
Претседателот на Државната изборна комисија, Бојан Маричиќ вчера изјави дека сите подготовки за изборите за градоначалник на Брвеница се завршени, а проблемот со фингерпринт- апаратите е надминат. Во функција се 24 уреди за биометриска идентификација на гласачите, а обезбедени се и резервни апарати, додаде тој.
Маричиќ потврди дека ДИК се соочила со проблеми околу функционирањето на системот за биометриска идентификација, по истекувањето на договорот за негово одржување. Сепак, според него, навремено биле преземени сите потребни законски постапки за непречено спроведување на изборите.
Со претходна подготовка и одобрение од Бирото за јавни набавки, ДИК спровела постапка со која е обезбедена функционалноста на уредите што се користат на денешното гласање, истакна Маричиќ.


