Општина Брвеница, која се наоѓа во Полошкиот регион, ќе оди на предвремени избори за градоначалник на 18 октомври.
Изборите денеска (7 август) ги распиша претседателот на Собранието, Африм Гаши, а понатаму ќе треба да ги спроведе Државната изборна комисија (ДИК).
Гаши преку социјалните мрежи ги повика идните кандидати и политички партии да водат достоинствена кампања и да се натпреваруваат со програми, идеи и визија за општината, а не со поделби.
„Ги повикувам граѓаните на Брвеница да учествуваат на изборите и одговорно да го остварат своето демократско право, придонесувајќи кон мирен, уреден и кредибилен изборен процес што ќе го одреди идниот правец на развој на нивната општина. Убеден сум дека овие избори ќе ја потврдат демократската зрелост на институциите и на нашите граѓани“, порача Гаши.
Предвремените избори во Брвеница следуваат откако почина градоначалникот Јовица Илиевски кој беше избран на функцијата на изборите во октомври 2025 година.



