Алта банка Битола под надзор на НБРМ, СДСМ бара истрага

Објавено:

Одлуката да и се одземе дозволата за работа на Алта банка Србија не значи автоматско одземање на лиценцата за работа и на Алта банка АД Битола, соопшти македонската централна банка, откако во јавноста се создаде страв од можно затворање на оваа банка и во земјава. Во соопштение до јавноста, Народната банка истакнува дека како надлежен супервизор ги следи сите околности што можат да влијаат врз работењето на домашната банка, вклучително и ризиците што произлегуваат од нејзината сопственичка поврзаност.

„Домашната банка е самостојно правно лице, основано и регистрирано во Република Северна Македонија, чие работење се оценува согласно домашната законска и регулаторна рамка. Народната банка, како надлежен супервизор ја следи состојбата и постапува во согласност со законските одредби. Народната банка ги следи и сите околности што можат да влијаат врз работењето на домашната банка, вклучително и ризиците што произлегуваат од нејзината сопственичка поврзаност. Во рамките на своите законски надлежности, Народната банка соодветно постапува и соработува со надлежните домашни и странски институции, со почитување на законските правила за доверливост на супервизорските информации“, велат од НБРМ.

Во врска со стекнувањето квалификувано учество во банка, Народната банка потсетува дека согласност се издава врз основа на сеопфатна постапка, во којашто се ценат законски утврдените критериуми, а врз основа на официјално достапните податоци.

Редици српски граѓани денеска чекаа пред банкоматите на АЛТА банка во обид да подигнат готовина, по информациите за одземањето на дозволата за работа на оваа банка во Србија. Неизвесноста околу состојбата предизвика загриженост и кај дел од македонските граѓани-клиенти на оваа банка, па пред експозитурите на Алта банка АД Битола чекаа да подигнат пари.

Од централната банка апелираат јавноста да се потпира на официјални и проверени информации и да не донесува заклучоци врз основа на непотврдени тврдења и шпекулации.

„Народната банка ќе продолжи внимателно да ја следи состојбата и да постапува независно, професионално и исклучиво во согласност со своите законски надлежности, во интерес на сигурноста на банкарскиот систем и заштитата на депонентите“, уверуваат од НБРМ.

Алта банка АД Битола: Банката е ликвидна

Реакција стигна и од Алта Банка Битола. Од таму информираа дека банката е ликвидна сите експозитури и банкомати се во вообичаениот режим, додавајќи дека АЛТА банка АД Битола не е предмет на политички притисоци и пресметки како оние што ги одбележаа случувањата во Србија.

„АЛТА банка АД Битола е ликвидна и продолжува со редовно и непречено работење. Сите експозитури и банкомати во вообичаениот режим, а клиентите имаат непречен пристап до своите средства. Клиентите можат слободно да располагаат со своите депозити, да подигнуваат готовина и да ги извршуваат сите банкарски трансакции, согласно вообичаените услови на работење. Настаните поврзани со банката во Србија не значат автоматски промена на финансиската состојба или правниот статус на АЛТА банка АД Битола. Дополнително, нагласуваме дека околностите во Република Северна Македонија се суштински различни од оние во Србија. АЛТА банка АД Битола не е предмет на политички притисоци и пресметки од карактерот на оние што ги одбележаа случувањата во Србија. Банката работи врз основа на професионални, деловни и регулаторни принципи“, соопшти АЛТА банка АД Битола.

СДСМ бара оставка од гувернерот Славевски и истрага за влезот на Алта банка во Македонија

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска побара оставка од гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, и истрага од Јавното обвинителство за околностите под кои бил одобрен влезот на Алта банка во Македонија. На прес-конференција, тој побара и јасно објаснување од надлежните за сигурноста на депозитите на граѓаните и на јавните претпријатија.

Осврнувајќи се на информациите за одземањето на дозволата за работа на Алта банка во Србија, Филипче праша дали премиерот Христијан Мицкоски и гувернерот Славески соодветно ги процениле ризиците при влезот на банката на македонскиот пазар.

„Се поставува прашањето дали се загрозени депозитите на нашите граѓани. Се поставува прашањето дали се загрозени депозитите на јавните претпријатија“, изјави Филипче.

Повикувајќи се на медиумски информации и на политички контакти во Србија, Филипче изнесе обвинувања за наводна поврзаност на банката со пари од криминал, корупција и шверц на дрога. На прес-конференцијата побара Обвинителството да испита дали постои одговорност кај надлежните што го овозможиле нејзиниот влез.

Гацов: Повиците за повлекување депозити може да им донесат загуби на штедачите

Дел од економските експертии коментираат дека политичките изјави и шпекулации кои создаваат паника кај граѓаните треба да бидат анулирани со јасен став на гувернерот Трајко Славески за ова прашање, како и со воведување на засилен надзор над работењето на македонската АЛТА банка.

„Алта банка – Битола е македонска банка, регистрирана според македонските прописи, работи според Законот за банките и сите останати македонски прописи, под надзор е на Народната банка на Македонија. Основачкиот капитал е уплатен во банката и тој не може да се повлече (без исполнување на соодветна македонска процедура). Депозитите во банката се на македонските граѓани и компании, а одобрените кредити се исто така во корист на македонски субјекти. Банката работи и плаќа даноци во Македонија. Нејзините вработени се македонски граѓани. Подлегнувањето на хушкачката атмосфера и брзањето да се подигнат депозитите ќе создаде големи загуби за депонентите заради задржување на вкупната примена камата од почетокот на депонирањето. Дали овие загуби ќе им бидат покриени од злорадосните политичари и хушкачите по социјалните мрежи“, пишува Гацов на својот фејсбук профил.

Одземена дозволата за работа на Алта банка Србија

Реакциите во македонската јавност следуваат откако Извршниот одбор на Народната банка на Србија донесе одлука за одземање на дозволата за работа на АЛТА банка АД Белград.

Во соопштението од Народната банка се наведува дека извршниот одбор констатирал оти на одземањето на дозволата му претходеле контролни активности насочени кон зголемување на ликвидноста на банката.

„Утврдено е дека во изминатиот период финансиската состојба на банката значително се влошила и дека постои можност за дополнително влошување на нејзината финансиска состојба или ликвидност, со што се загрозени интересите на депонентите. Имајќи предвид дека се исполнети условите за одземање на дозволата за работа на банката, во согласност со Законот за банки, Народната банка на Србија ја донесе наведената одлука со цел да ги заштити интересите на депонентите и да ја зачува стабилноста на финансискиот систем“, информираат од Народната банка на Србија.

Додаваат дека Агенцијата за осигурување на депозити во рок од седум работни дена ќе овозможи исплата на осигурените износи и располагање со средствата на депонентите, во согласност со Законот за осигурување на депозити.

Наводно изнесување пари од банката во Србија

Алта банка е во фокусот на јавноста и во Србија и во Македонија откако излегоа информации за наводно изнесување пари од оваа банка кон сметки и правни лица во Скопје и Москва. Станува збор за банка која важеше за блиска до власта на Александар Вучиќ, кој изгуби на парламентарните избори на 25 октомври.

Првичната информација во јавноста ја сподели српскиот адвокат Иван Ниниќ кој не кажа за која банка станува збор, но рече оти има оперативни сознанија дека почнувајќи од 26 октомври една од банките започнала процес на „интензивни и забрзани трансфери на средства (ликвиден капитал) во странство, поточно на сметки и правни лица лоцирани во Москва и Скопје, каде именуваната банка односно лица поврзани со неа поседуваат сопственички удел во банкарскиот и осигурителниот сектор“.

Истите тврдења за трансфер на пари потоа беа изнесени и од кандидатката од Студентската листа, Сара ел Сараг, при гостувањето на Н1 ТВ. За овие наводи вчера се огласи и македонската Народна банка.

Гувернерот Трајко Славески во изјава за српските медиуми порача оти „Народната банка на Северна Македонија го следи работењето на сите банки, нивната ликвидност, капиталната позиција и изложеноста на ризици“, како и дека „банкарскиот систем е стабилен и отпорен, под постојан супервизорски надзор“.

Според податоците на Народната банка на Србија, АЛТА банка е во блокада од 30 октомври 2026 година.

Инаку српска Алта банка е на македонскиот пазар од минатата година кога ја презеде Стопанска банка – Битола. За оваа банка дел од српските медиуми во минатото пишуваа дека е блиска до доскорешниот српски претседател Александар Вучиќ, кој на предвремените парламентарни избори на 25 октомври изгуби од Студентската листа.

АЛТА банка во последните години била задолжена за најголемите финансиски трансакции во Србија.

Нејзини клиенти биле државни компании кои ја заобиколиле државната Поштенска штедилница и ги префрлиле сите уплати на сметките во оваа банка. Меѓу нив најпозната и најголема е Електростопанството на Србија (ЕПС), преку кое се плаќаат сметките за електрична енергија, а клиенти биле и Автомото-сојузот на Србија и белградската служба за паркирање.