Мицкоски: Барањата од Бугарија се истите од 2022 година, мора да бидеме оптимисти и да ги штитиме националните интереси

Објавено:

 Премиерот Христијан Мицкоски вели дека нема нови барања од Бугарија за деблокада на интеграцијата на државава во ЕУ, истакнувајќи дека тие барања се уште од 2022 година и оти, како што наведе, чекале три години да ги слушне цела Европа и светот,  како и граѓаните кои биле жртви на манипулативна политика на поединци. Останува оптимист и посочува дека разговараното на неговата средба со германскиот  канцелар Фридрих Мерц и со францускит претседател Емануел Макрон е сосема различно од тоа што е разговарано на вчерашниот состанок на претседателката Гордана Сиљановска Давкова со нејзината бугарска колешка Илијана Јотова во Софија.

„Македонските граѓани  мора да знаат дека барањата не се само промена на Уставот и дел од бугарската заедница во преамбулата. Не. Тоа е само почетокот. Само ја отвораме Пандорината кутија. Следи акцискиот план, следи работата на историската комисија, следи Протоколот 2, каде работата на историската комисија е само едно од барањата. Таму имаат можеби петнаесетина нови барања коишто ние како држава треба да ги исполниме. Така што, нема ништо различно тоа што денеска го слушаме, тоа што го слушаме во континуитет од тоа што, за жал, претходната влада го прифати во 2022 година“, рече Мицкоски по пуштање во употреба на спортската сала „Расадник“ во Кисела Вода. 

Тој кажа дека сè уште е оптимист кога станува збор за разговорот кој го имаше со канцеларот Мерц и со францускиот претседател Макрон.

„Ние мора да бидеме оптимисти и да работиме, истовремено да ги штитиме македонските национални интереси, да не влегуваме во авантура, да не бидеме очајници и давеници, како што тоа го правеше претходната влада, којашто, за жал, е последниот браник на она што беше прифатено во 2022 година, кои се единствените лојални позиции на актуелната политика на нашиот источен сосед внатре во Македонија. Но, за брзо време, веќе сме во втората половина на нашиот мандат, ќе имаме парламентарни избори, па граѓаните нека одлучат. Дали овие, кои капитулираа, ја ограбија, ја осиромашија и ја уништија Македонија треба да добијат и еден пратеник, или ние, коишто нудиме сосема еден нов концепт кој се темели на многу работа, но истовремено бескомпромисна битка и со став за националните интереси“, изјави Мицкоски.

Проширувањето на ЕУ беше една од клучните теми на Самитот Европска Унија – Западен Балкан што на 6 јуни се одржа во Тиват, Црна Гора. Мицкоски изјави дека од самитот во Тиват се враќа задоволен и охрабрен, оценувајќи дека пораките од европските лидери биле најсилни досега кога станува збор за европската перспектива на земјите од Западен Балкан. Неговиот оптимизам се темели на тоа што само тој од лидерите од Западен Балкан имал билатерални состаноци со францускиот претседател Емануел Макрон и со германскиот канцелар Фридрих Шолц.