Мицкоски задоволен од средбите со Макрон и со Мерц во Тиват: Точно знам што ќе следи во периодот пред нас

Објавено:

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека од самитот во Тиват се враќа задоволен и охрабрен, оценувајќи дека пораките од европските лидери биле најсилни досега кога станува збор за европската перспектива на земјите од Западен Балкан.

Според него, на самитот било потврдено дека процесот на проширување на Европска Унија останува активен и дека паралелно со него се подготвува нов механизам за продлабочување на односите меѓу Унијата и земјите од регионот.

Неговиот оптимизам се темели на тоа што само тој од лидерите од Западен Балкан имал билатерални состаноци со францускиот претседател Емануел Макрон и со германскиот канцелар Фридрих Шолц.

Тој рече дека Планот за раст за земјите од Западен Балкан ќе ѝ донесе напредок на Македонија и тој не е поврзан со процесот на проширување бидејќи и едното и другото паралелно продолжуваат.

„И точно знам што се зборуваше на тие состаноци и точно знам што ќе следи во периодот што е пред нас. Дел од планот подразбира завршување и затворање на одредени кластери, тоа значи почеток на преговори. На самите состаноци ја пренесов сета она политика и сето она за којешто зборуваме изминатиит период. Од соговорниците добив одговори на некои од дилемите и кога ќе го имаме сето ова во предвид, оттаму доаѓа мојот оптимизам и инспирација, но не е точно тезата, дека се потребни измени на договори за да може овој план да биде функционален, тоа е така прецизно направено за да овозможи механизми со кои што дури и тие кои што се само кандидати, бидејќи станува збор за Западен Балкан, а од тие земји имаме земји кои што не се ни кандидати. Така што имајќи го предвид, сето тоа што го разговаравме таму, мене ми дава за право да дојдам до тој заклучок“, изјави Мицкоски по денешната посета на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).

По вчерашната изјава на премиерот на Бугарија, Румен Радев, во Тиват дека Македонија мора да направи уставни измани за да ги почне преговорите со ЕУ, Мицкоски рече дека додека е претседател на Владата, никогаш нема да поддржи уставни измени во кои што нема да има јасен крај, дека процесот ќе почне и ќе заврши.

Проширувањето на ЕУ беше една од клучните теми на вчерашниот Самит Европска Унија – Западен Балкан што се одржа во Тиват, Црна Гора.

Пред почетокот на седницата на Самитот, бугарскиот премиер Румен Радев за Дојче Веле изјави дека единственото нешто што треба да го направат македонските власти за да почнат преговори со Европската унија е да ги впишат Бугарите во Уставот.

„Подготвени сме да помогнеме на секоја земја што аплицира за членство, особено на нашите браќа од Северна Македонија. Чекаме тие конечно да ја исполнат преговарачката рамка. Имаме консензус од јули 2024 година и чекаме тие конечно да го изменат Уставот и да ги вклучат Бугарите во него. Многу е едноставно. Потребно е да го направат само овој чекор за да се отвори вратата за преговарачкиот процес“, рече Радев за ДВ.

Во меѓувреме од Скопје евроамбасадорот Михалис Рокас порача дека Европската унија има силна определба земјава да го започне преговарачкиот процес за членство, но потенцираше дека преземените обврски за уставните измени од 2022 година остануваат неопходен услов за напредок.

Германија и Франција подготвија нон-пејпер со фокус на Западен Балкан и Молдавија кој промовира т.н. постепена интеграција за земјите кандидати.

Според заедничкиот документ, владите на Берлин и Париз ќе се заложат за први чекори во интеграцијата уште пред полноправното членство, со цел да се забрза процесот на пристапување кон ЕУ. Според документот, исполнувањето на одредени критериуми за прием ќе биде наградено со привилегиран пристап до заедничкиот европски пазар и со испраќање набљудувачи во европските институции.

„Политиката на проширување има потреба од нов импулс“, се наведува во документот во кој увид имала Германската новинска агенција (ДПА).

Самитите се одржуваа на територијата на Европската Унија. Самитот ЕУ-Западен Балкан, одржан во Тирана во 2022 година, го означи првиот пат кога европски собир на највисоко политичко ниво се одржа надвор од границите на ЕУ. Тогаш беше најавено дека собири периодично ќе се организираат и во земјите-кандидатки.

Првиот самит одржан во Црна Гора се совпадна со неколку важни настани за таа земја, вклучувајќи го јубилејот – дваесетгодишнината од обновувањето на државноста, но и неодамнешната потврда дека е најсигурна идна членка на Европската Унија.