Врховниот суд ги укина пресудите на Основниот кривичен суд Скопје и на Апелациониот суд Скопје во предметот за автобуската несреќа кај селото Ласкарци.
„Со донесената пресуда во предметот КВП2-86/25, барањата за вонредно преиспитување на правосилна пресуда, поднесени од осудените преку нивните бранители се уважуваат, пресудата на Апелациониот суд Скопје КЖ-979/24 од 17.04.2025 година се укинува и предметот се враќа на повторно постапување и одлучување“, соопштија од Врховниот суд.
Предметот „Ласкарци“ се однесува на една од најтешките сообраќајни несреќи во Македонија. На 13 февруари 2019 година, автобус на „Дурмо турс“, кој сообраќал на релација Скопје–Гостивар, излета од автопатот Скопје–Тетово кај селото Ласкарци, ја проби заштитната ограда и падна во провалија.
Во несреќата загинаа 16 патници, а повеќе од 30 лица беа повредени.
Првостепената пресуда за предметот „Ласкарци“ беше изречена на 25 јануари 2024 година. Основниот кривичен суд Скопје ги прогласи за виновни шестмината обвинети и им изрече вкупно 39 години затвор – од 14 години за возачот до по 4–6 години за останатите.
На 17 април 2025 година, Апелациониот суд Скопје ги зголеми казните за дел од обвинетите, па вкупната затворска казна за шестмината достигна 53 години. Казната за возачот остана 14 години, додека на сопственикот на „Дурмо турс“ и одговорниот за транспорт им беа изречени по 10 години затвор.
Стевчо Јакимовски излегува од затвор
Врховниот суд ги укина пресудите на Основниот кривичен суд и на Апелациониот суд Скопје и во предметот против Стевчо Јакимовски. Тоа значи дека и овој предмет се враќа во Основниот кривичен суд Скопје, кој ќе треба одново да постапува и да одлучува.
„Советот за казниви дела при Врховниот суд на Република Северна Македонија, на седницата одржана на ден 09.09.2026 година, донесе пресуда КВП КОК2-18/26, со која го уважи барањето на осудениот Стевчо Јакимовски од Скопје, за вонредно преиспитување на правосилната пресуда, поднесено преку бранителот Виктор Цветковски, адвокат од Куманово, ги укина пресудата на Основен кривичен суд Скопје КОК-157/21 од 23.04.2025 година и пресудата на Апелационен суд Скопје КОКЖ-110/25 од 15.05.2026 година и предметот го врати на првостепениот суд на повторно постапување и одлучување“, се вели во соопштението на Врховниот суд.
Јакимовски беше првостепено осуден на единствена казна од три години и шест месеци затвор за две кривични дела: бесправно градење и злоупотреба на службената положба и овластување, во предмет поврзан со изградбата на административниот објект на Општина Карпош.
За бесправното градење му беше утврдена казна од една година, а за злоупотребата на службената положба три години затвор.
Во мај годинава, Апелација му ја потврди едногодишната затворска казна за бесправно градење, додека во делот за злоупотреба на службената положба предметот беше вратен на повторно судење.
Поранешниот градоначалник на Карпош, на 2 јули се пријави во затворот ,,Скопје” во Шуто Оризари на издржување на казната.


