Мицкоски порача дека трпението е при крај и правдата мора да стигне

Објавено:

„На најгласните критичари на власта и пресоблечени измамници кои се најзагрижени за тоа дека немало правда и на оној дел од Обвинителството кој сè почесто смислува изговори, им велам дека трпението е при крај и дека мора да стигне правдата“.

Ова е една од пораките кои ги упати премиерот Христијан Мицкоски во говорот на свечената академија по повод одбележувањето на Денот на сесловенските просветители Свети Кирил и Методиј во црквата „Света Софија“ во Охрид.

„Нема ни да премолчам кога мислам дека се греши, ниту кога мислат дека треба побрзо да се реагира, и кога фиоките на институциите се полнат со пријави и тужби за кои обвинителството треба да реагира побрзо. ​Затоа што не влегов во политиката за смислување изговори, туку за ставање ред, за постигнување правда и владеење на законите“, рече премиерот Мицкоски. 

Тој зборуваше и за борбата против корупцијата, евоинтеграциите, образованието, протестите на студентите Албанци да полагаат правосуден испит на албански јазик, за односите со опозицијата…

Како што рече, направил сè за да подаде рака кон опозицијата за да се обединат и да делуваат заеднички за националните интереси.

„Одбивајќи да се обединиме за националните прашања, тие се осудени на пропаст. Стануваат маргинални служители на туѓите интереси. Затоа вистинското обединување е народното. Затоа да се обединиме сите интелектуални кругови и да си подадеме рака. Ова е последната шанса за Македонија“, рече меѓудругото Мицкоски.

Повтори дека Македонија се соочува со сериозна и неправедна блокада во нејзините интеграции кон Европската Унија.

„Македонија се соочува со сериозна и неправедна блокада во нејзините интеграции. И можам да ги разберам, иако не ги оправдувам, позициите на Бугарија. Но не можам да ги разберам, ниту оправдам, домашните политичари кои делуваат како специјални пратеници на премиерот на соседната држава. Тоа што тој го зборува, тоа го зборуваат и домашните политичари и нивни претставници. Поразително. Тоа нè поразува и како нација, рече Мицкоски“, рече Мицкоски во обраќањето.

Зборувајќи за образовнието премиерот нагласи дека токму квалитетното образование е најсилното оружје против сиромаштијата и најсигурната шанса за успех е образованието. Истакна дека образованието не треба да биде само формалност и дека иднината на една држава не се мери само со бројки и статистики, туку со тоа колку образовани, достоинствени и свесни генерации создава.

Претходно, во рамки на чествувањето на Денот на светите браќа Кирил и Методиј, делегации на државниот врв и на претставници на политички партии, на Општина Охрид положија цвеќе пред споменикот на просветителите на Градскиот плоштад во Охрид.

Во земјава денеска, 24 мај се слави Денот на сесловенските просветители Кирил и Методиј. Со него се одбележува делото на браќата кои ја ширеле писменоста и христијанството меѓу Словените и ја создале глаголицата.