Мицкоски: Правниците кои протестираат ги прекршија законот за знамиња, за државна химна и Уставот

Објавено:

Поддржувам протести, но мене лично ми пречи што тие кои протестираа кои практично се правници, се борат за право, го прекршуваат законот, да речеме Законот за знамињата, Законот за државната химна, Уставот и така натаму, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски по двата протести на студенти Албанци кои бараат правосудниот испит да го полагаат на албански јазик.

„Навредите нема да ги коментирам, тоа е сепак домашно воспитување што во првите седум години од од животот се стекнува. Нема да го коментирам ниту инцидентот насилен којшто се, којшто се случи. Нема да ги коментирам ни надворешните мешања во внатрешните работи на Македонија на некои надворешни фактори. Тоа веќе го оставаме како фолклор. ​Но, она на кое што ние како Влада во моментов го работиме е да се обезбеди трајно решение со кое што овој, но и низа други проблеми коишто ги наследивме од минатото ќе бидат решени“, рече Мицкоски поставување на камен темелник на доградба на ООУ „Јоаким Крчовски“ во скопската Општина Ѓорче Петров.

Тој го усуди однесувањето на опозициската партија Демократска унија за интеграција, бидејќи партијата „имаше можност 20 години да ги решат овие прашања“.

„За жал, ништо не направија, но затоа решија многу лични прашања. И ако ја споредите имотната состојба ќе видите како од голтари се станува милионери на грбот на националните пароли и на грбот на луѓето коишто мака мачат како од први до први да го поминат месецот. ​Но, како и да е, ние сме одговорна Влада и ние така постапуваме и така и ќе се однесуваме. Секое решение како закон ќе биде испратено до Венецијанска комисија“, изјави Мицкоски.

Откако заврши протестот на 18 мај, од Министерството за внатрешни работи (МВР) соопштија дека се уапсени три лица поради нарушување на јавниот ред и мир.

Правосудниот испит го полагаат студенти кои завршиле правен факултет и е неопходен за тие понатаму да може да работат како адвокати, нотари, судии, обвинители.

Според податоците со кои располага Владата, а беа споделени од премиерот Мицкоски, од 2020 година до денес биле пријавени 918 кандидати за полагање правосуден испит. Од нив 196 биле Албанци. Испитот, кој досега се спроведува само на македонски, не положиле 27 албански студенти. Од нив, девет повторно се пријавиле и сите положиле.