На денешниот протест на студенти Албанци во Скопје, пред Министерството за правда се случи инцидент во кој нападнато е младо момче од група од неколку други лица.
Полицијата, како што изјави од Министерството за внатрешни работи за Колегиум.мк, интервенирала и имало и приведувања.
„Денеска околу 17;45 часот полициски службеници од СВР Скопје приведоа три лица македонски државјани пред Министерството за правда поради нарушување на јавниот ред и мир“, велат од МВР.
На видеата што се појавија на социјалните мрежи се гледа група од пет-шест лица кои физички се пресметуваат со едно лице удирајќи го со раце и нозе. На други видеа се гледа и како полицијата приведува дел од учесниците во тепачката.
Протестот што се одржа во Скопје беше со барање од студенти Албанци да полагаат правосуден испит на албански јазик.
Ова беше втор протест по првиот што се одржа на 6 април. Поддршка демонстрантите добија и од лица кои пристигнаа во главниот град од Косово и Албанија.
Владата, пак, најави дека бара решение за полагањето правосуден испит на албански јазик кое ќе биде во согласност со Уставот и Законот за употреба на јазиците.


