Продавачка вознемирувала дете со аутизам – го обвинувала дека украло сок, завршило со акутен стрес

Објавено:

Продавачка во локална продавница неосновано обвинила дете со аутизам дека украло сок и ја коментирала неговата состојба пред други луѓе, според претставка што мајката на детето ја поднела до Комисијата за заштита од дискриминација откако настанот се случил во октомври годинава.

Комисијата утврдила вознемирување врз основа на попреченост и ѝ препорачала на продавачката во иднина да се воздржува од какво било вознемирувачко, понижувачко или навредливо постапување кон лица со попреченост и да води сметка за нивното достоинство и за правото на еднаков третман.

Според претставката, настанот се случил на 27 октомври, во продавничка во близина на училиште, во 8 часот наутро.

„Детето, како што е наведено, влегло во продавницата со пијалак купен од друга продавница. Продавачката, иако свесна за состојбата на детето, му се обратила со зборовите: зошто крадеш? Остави го сокот… и други неосновани констатации упатени пред луѓето во продавницата. Подносителката наведува дека детето има дијагностицирано нарушување од аутистичниот спектар и поради неговите специфични комуникациски и социјални потреби не успеало соодветно да ја објасни ситуацијата“, пишува во претставката.

Како последица на настанот, детето било видно вознемирено, плачело и покажувало страв и отпор кон повторно влегување во продавницата.

Во претставката дополнително се наведува дека при последователниот разговор, во присуство на родителот, продавачката повторно се обратила со повисок тон и ја коментирала состојбата на детето.

Мајката случајот го пријавила и во полиција за што е направена службена белешка.

Продавачката, пак, тврдела дека детето било вознемирено оти не можело да си го најде паричникот, а таа се обидувала да го смири и да му помогне.

Поради доживеаниот трауматичен настан, детето било однесено на стручна проценка во невроразвојниот центар „Во мојот свет“.

„По консултацијата биле забележани изразена вознемиреност, анксиозност и промени во неговото секојдневно функционирање. Имало повлекување, одбивање да посетува училиште и несоница. Наведена е дијагноза акутна реакција на стрес, а препорачано е психолошко советување и продолжување на терапевтската поддршка“, пишува во претставката.

Во минатата 2025 година, КЗД работела на 559 предмети за заштита од дискриминација, според годишниот извештај на Комисијата. Најмногу од нив се заштита од дискриминација по етничка или национална припадност. Пет отсто од претставките биле по основ на некаков вид попреченост.