Регрутирањето странски државјани од страна на Русија за учество во војната во Украина во многу случаи претставува трговија со луѓе, се наведува во најновиот извештај на „Амнести интернешнл“, пренесува ДПА.
Извештајот се темели на интервјуа со странски државјани кои биле заробени од украинските сили и држени во два украински логори за воени заробеници.
Според организацијата, на многу од регрутите им биле ветувани високи плати и бонуси откако ќе потпишат договор со руските вооружени сили. Сепак, дел од нив подоцна не ги добиле ветените средства. Некои добиле само дел од сумата пред да бидат заробени, додека други тврдат дека не добиле ништо.
Дополнителен мотив за странците била можноста да добијат руско државјанство, која, според Амнести, била ветувана на сите интервјуирани.
Организацијата наведува дека руските регрутери користеле измама, заблуда и принуда за да ги убедат странските државјани да се приклучат на руските вооружени сили.
„Степенот на експлоатација и принуда нè наведе да заклучиме дека во многу случаи ова претставува трговија со луѓе“, изјави генералната секретарка на Амнести интернешнл, Агнес Каламард, повикувајќи се на дефиницијата од Палермскиот протокол на ОН.
Амнести интервјуирала повеќе од десетина странски државјани од Колумбија, Куба, Египет, Сомалија и Јужна Африка, за време на шест посети на два украински логори за воени заробеници во периодот од 2024 до 2026 година.
Од интервјуираните, само тројца свесно потпишале договор со кој прифатиле да учествуваат во војната во Украина, соопшти организацијата.
Воени заробеници од Бразил и Шри Ланка за Амнести изјавиле дека по потпишувањето на договорите им биле одземени пасошите и мобилните телефони. Тие исто така навеле дека договорите биле напишани исклучиво на руски јазик.
Според извештајот, странските регрути добивале само околу две недели основна воена обука, што, според Амнести, било недоволно за учество во борбени операции.
Организацијата, сепак, напоменува дека не можела да спроведе истрага на територијата на Русија, каде што Амнести интернешнл е забранета од мај 2025 година.


