Црна Гора доби зелено светло за членство во ЕУ во 2028 година

Објавено:

Европската Унија започна со изработка на пристапниот договор за Црна Гора, која ќе стане членка до 2028 година. Албанија ќе затвори три преговарачки поглавја, додека Србија презентираше календар за реформи на изборното законодавство и правосудство. Молдавија и Украина го отклучи процесот за отворање на првиот пакет за преговори со Унијата.

Овие информации на прес конференција ги сподели претседателот на Европскиот Совет Антониот Кошта по завршувањето на пленарната седница на Самитот на Европската Унија и Западен Балкан кој се одржа на 5 јуни во Тивот, Црна Гора.

„Разгледуваме нови идеи за поедноставување и забрзување на процесот, со цел да се зголеми довербата во Европската Унија и мотивацијата на партнерите од Западен Балкан. Поттикнувањето добрососедски односи и регионална соработка е исто така суштински приоритет за обезбедување безбедност и економски просперитет во регионот“, изјави Кошта.

Претседателката на Европската Комисија Урсула Фон дер Лајен изјави дека се е на дофат членството на Црна Гора во Унијата и дека се надева оти набрзо потоа и Албанија ќе ги следи тие чекори. Таа на заедничката прес конференција изјави дека процесот на проширување ќе остане базиран на заслуги.

„Проширувањето е за нас геостратешки императив, како и долгорочна инвестиција во нашиот мир, нашата стабилност и нашата безбедност“, рече фон дер Лајен, признавајќи дека процесот на пристапување мора „да стане подинамичен.

Во набројувањето на земјите и статусот на нивниот евроинтегративен пат, Кошта не ја спомна Македонија.

Порака дојде од Скопје, од евроамбасадорот Михаил Рокас кој изјави дека Европската унија има силна определба земјава да го започне преговарачкиот процес за членство, но потенцираше дека преземените обврски за уставните измени од 2022 година остануваат неопходен услов за напредок.

Шефот на делегацијата на ЕУ во земјава се повика на неодамнешните пораки од посетата на Кошта на 2 јуни, изразувајќи надеж за конструктивност во билатералните односи со соседите во периодот што следува.

„Сите знаеме дека заложбите направени во 2022 година треба да бидат спроведени. Со тоа има голема определба Северна Македонија да го започне процесот на преговори и нема сомнеж дека земјата припаѓа на европското семејство. Работиме доста активно со цел неопходните услови да се исполнат и да одиме напред. Најважно е во меѓувреме да имаме доверба и се надевам дека нашите соседи заедно со Европската унија ќе бидат доста конструктивни во наредните денови и месеци“, изјави Рокас.

Рокас истакна дека нема сомнеж оти земјава припаѓа на европското семејство и изрази надеж дека соседните земји и Европската Унија ќе покажат конструктивност во наредниот период за надминување на преостанатите предизвици.

Германско-францускиот предлог ќе го заживее проширувањето

Франција и Германија го искористија состанокот во Тиват за да ја промовираат идејата за „постепена интеграција“ во блокот, кој моментално има 27 земји-членки.

„Заедно со Германија предложивме зајакнат постепен процес на интеграција“, изјави францускиот претседател Емануел Макрон пред новинарите по пристигнувањето на самитот.

Тој рече дека предлогот би можел да значи дека на земја што се усогласува со ЕУ по одредени критериуми ќе ѝ биде дозволено да се приклучи на одредени блоковски формати, на пример, да присуствува на состаноците на Европскиот совет.

„Процес базиран на заслуги не значи бавен процес; тоа значи дека, од страна на институциите на ЕУ, како и од страна на земјите-кандидатки, сите мора да работат побрзо и понапорно, а тоа е нашата обврска“, рече Кошта на последната прес-конференција.

Меѓу балканските земји кои треба подобро да се усогласат со политиките на ЕУ е Србија, која останува блиска со Москва и никогаш не вовела санкции кон Русија од почетокот на војната во Украина во 2022 година.

„Србија има отворен пат кон Европската Унија. Сепак, Србија мора да одлучи и каде се наоѓа. Политика на двоумење меѓу Русија, Кина и Европа не е можна“, рече германскиот канцелар Фридрих Мерц.

По децении препирки околу идното членство на балканските кандидати, руската инвазија на Украина во 2022 година го обнови интересот на Брисел за проширување. Откако започна војната, и Украина и Молдавија се приклучија на редот на земјите што бараат пристапување заедно со балканските кандидати Албанија, Босна, Косово, Македонија, Црна Гора и Србија.

За прв пат Црна Гора е домаќин на Самиот ЕУ – Западен Балкан

Самитот на Европската Унија и Западен Балкан, кој започнува во петок во Тиват, е првиот ваков собир што се одржува во Црна Гора. Редовните самити на ЕУ со Западен Балкан станаа пракса од 2020 година, кога тогашното хрватско претседателство предложи лидерите да се среќаваат еднаш годишно, бидејќи Западен Балкан тогаш беше единствениот регион со одредена европска перспектива.

Самитите се одржуваа на територијата на Европската Унија. Самитот ЕУ-Западен Балкан, одржан во Тирана во 2022 година, го означи првиот пат кога европски собир на највисоко политичко ниво се одржа надвор од границите на ЕУ. Тогаш беше најавено дека собири периодично ќе се организираат и во земјите-кандидатки.

Првиот самит одржан во Црна Гора се совпадна со неколку важни настани за таа земја, вклучувајќи го јубилејот – дваесетгодишнината од обновувањето на државноста, но и неодамнешната потврда дека е најсигурна идна членка на Европската Унија.