Електричните автомобили достигнаа рекорден удел во новите регистрации во Европската Унија во 2025 година – 17,3 отсто од сите нови патнички автомобили биле целосно електрични. Тоа значи дека речиси секој шести нов автомобил регистриран во ЕУ бил на електричен погон.
Податоците, објавени денеска од Германската служба за статистика врз основа на податоци од Евростат, покажуваат дека хибридите биле најзастапени со 42,4 отсто, додека бензинските автомобили учествувале со 27,3, а дизелите со 9,8 отсто.
Растот на електричните автомобили е значителен во споредба со пред една деценија. Во 2015 година тие сочинувале само 0,4 отсто од новите регистрации во ЕУ. На зголемената продажба влијаат подобрената инфраструктура за полнење, поевтините модели и повисоките цени на горивата.
Данска убедливо пред останатите
Најголем удел на електрични автомобили меѓу новите регистрации во 2025 година имала Данска – 67,8 отсто. По неа се Холандија со 40,2 и Малта со 37,6 отсто.
Најмал удел на возилата на струја има во Хрватска со 1,9 отсто, Словачка со 4,7 и Бугарија со 4,9 отсто.
Трендот продолжува и во 2026 година. Според Европската асоцијација на производители на автомобили (ACEA), уделот на целосно електричните автомобили во првата половина од годинава достигнал 20,7 отсто, во споредба со 15,6 отсто во истиот период во 2025 година.
Од ACEA оценуваат дека најголем потенцијал за дополнителен раст има на пазарите во Германија, Франција и Данска.


