Филипче предложи да се укине акцизата за горивата и ДДВ да се намали на пет проценти

Објавено:

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, оцени дека најавеното намалување на ДДВ за горивата од 18 на 10 проценти е задоцнета и недоволна мерка која нема значително да го подобри животниот стандард на граѓаните. Тој предложи целосно укинување на акцизата и намалување на ДДВ на пет проценти, наведувајќи дека само таков пакет мерки може да доведе до позначително намалување на цените на горивата и индиректно да влијае врз намалување на трошоците за живот.

На денешната прес-конференција, Филипче упати обвинувања кон Владата и кон премиерот Христијан Мицкоски за, како што рече, изостанок на мерки за поддршка на граѓаните во услови на раст на цените, нетранспарентно трошење јавни средства и оддалечување од европските интеграции. Тој побара надлежните институции да го испитаат трошењето на пет милиони евра поврзани со организацијата на настапот на светскиот диџеј Дејвид Гета на прославата по повод Денот на независноста, а воедно ги повтори ставовите на СДСМ за изборните правила, најави интерпелација за министерот за локална самоуправа Иван Стоилковиќ и изрази загриженост за состојбите во медиумската сфера и, како што оцени, влијанијата врз демократските процеси во државата.

Според Филипче, растот на цените на горивата и трошоците за живот со месеци не бил проследен со соодветна поддршка за граѓаните.

  • „Денеска премиерот најавува мерки за намалување на цените на горивата, односно намалување на ДДВ од 18 на 10 проценти. Сметаме дека овие мерки се многу задоцнети и нема да дадат никаков ефект, односно многу мал. Тоа ќе биде само уште една манипулација, а ништо суштински што граѓаните треба да почувствуваат како олеснување во кризата во која живеат“, рече Филипче.

Тој посочи дека, според неговата оценка, од почетокот на годината цените на горивата се зголемени за 50 проценти, а Владата, како што наведе, не понудила мерки за поддршка на пензионерите, студентите, социјално ранливите категории и семејствата со повеќе деца.

  • „Наш предлог е да се укине акцизата на горивата и ДДВ да се намали од 18 на 5 проценти. За споредба, доколку се применат мерките на Владата, со просечна нето-плата граѓанин ќе може да купи 513 литри евродизел или 535 литри евросупер. Со нашите мерки ќе може да купи 621 литар евродизел, односно 108 литри повеќе, или 740 литри евросупер, што е 205 литри повеќе. Со минимална плата, наместо 276 литри евродизел, ќе може да се купат 334 литри, односно 58 литри повеќе. Наместо 288 литри евросупер, ќе може да се купат 398 литри, што е 110 литри повеќе“, образложи тој.

Владата вчера донесе одлука за намалување на ДДВ-то на 10% за гривата, а премиерот Христијан Мицкоски денеска оцени дека доколку не се намалеше данокот за горивата цената на дизелот би бил повисока за 11-11,5 денари повисока од денешната.

„Само по основ на дизел горивото, дневната заштеда на македонските граѓани е повеќе од 250.000 евра. Или ако се земе предвид отприлика две недели и доколку се земе предвид веќе намалената царина, односно акциза за безоловниот 95 и 98 октански, тогаш доаѓаме до бројка помеѓу 4,2 и 4,5 милиони евра, тоа е директна заштеда којашто ја имаат македонските граѓани“, рече Мицкоски.

Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) ја утврди новата цена на горивата која ќе важи од полноќ.

Според одлуката, бензините поскапуваат по 3,5 денари за литар и ќе се продаваат по 100.50 за „еуросупер -95 и 102 денари за „еуросупер- 98.

По намалувањето на ДДВ-то од 18 на 10% цената на дизелот се намалува за два денара и ќе изнесува 99 денари.

Литар масло за горење ќе се продава по цена од 109,50 денари, а мазутот за 48,243 денари по килограм.

Последни објави