Владата ќе го намали ДДВ-то за дизел горивото, опозицијата обвинува за половична мерка

Објавено:

Денеска на владина седница ќе се донесе одлука за намалување на ДДВ за дизелот – информираше премиерот, Христијан Мицкоски.

„Мерки веќе имаме, намалени акцизи и за дизел и за безоловното гориво. Во текот на денот денеска ќе имаме повторно владина седница преку видео врска и ќе донесеме уште една мерка, а тоа е намалување на данокот на додадена вредност за дизел горивата од осумнаесет на десет проценти, со што очекуваме наместо да има драматично зголемување, да има намалување на цената на дизел горивото“, изјави Мицкоски.

Опозицијата реагираше преку писмено соопштение, обвинувајќи го Мицкоски дека „глуми заштитник на стандардот“.

-СДСМ уште на почетокот на кризата бараше конкретни мерки: ДДВ на горивата да падне на 5 проценти, акцизата да се укине веднаш, ДДВ на основната храна да се симне на нула. Не за камера. За да остане леб на масата. Владата на бандата не мрдна. Ги пушти цените да побеснат. Го гледаа народот како полни резервоар на рати и купува половина корпа – се вели во партиското соопштение.

-Сега, кога штетата е направена, излегуваат со половична мерка и бараат аплауз. Ова не е грижа. Ова е доцна шминка. Горивото не е луксуз. Горивото е превоз до работа, леб до продавница, стока до пазар, плата што се топи пред да стигне дома – реагираат од СДСМ.

Последни објави