Кризната состојба со горивата продолжена до 20 октомври

Објавено:

Собранието денеска донесе Одлуката за продолжување кризната состојба за нафта и нафтени деривати до 20 октомври, со 88 гласа „за“ и ниту еден „против“ и „воздржан“. Ова следува по владината одлука од 17 јули да го продолжи на рокот за постоење на кризна состојба заради можност за настанување на пореметување на снабдување со нафта и нафтени деривати на територијата на Република Северна Македонија.

Со донесената одлука, како што соопштија, рокот на важење на кризната состојба се продолжува од 21 јули до 20 октомври, со што се обезбедува континуитет во институционалното постапување и навремено преземање мерки доколку дојде до нарушувања во снабдувањето или до значителни ценовни шокови на меѓународните пазари на нафта и нафтени деривати.

„Целта на оваа одлука е Владата да располага со соодветен правен механизам за брза и ефикасна реакција, со цел да се зачува стабилноста во снабдувањето, да се ублажат последиците од евентуални пазарни нарушувања и да се заштитат интересите и животниот стандард на граѓаните и стопанството. Владата и понатаму внимателно ќе ги следи состојбите на домашниот и на меѓународниот енергетски пазар и доколку тоа го наложат околностите, ќе продолжи да носи навремени и соодветни мерки во интерес на сигурно, стабилно и непречено снабдување со нафта и нафтени деривати“, наведуваат од владината прес-служба.

Пред изгласувањето на дневниот ред на денешната пленарна седница, пратениците од политичките партии на Албанците побараа од предлагачот да ја тргне од дневниот ред точката за продолжување на кризната состојба и за неа да биде свикана посебна седница.