Унгарец се обидел да внесе 200.000 евра во Македонија, парите ги скрил во три торбички

Објавено:

Обид за нелегално внесување на 200.000 евра во земјава спречиле мобилните тимови на Царинската управа на граничниот премин Табановце.

Станува збор за унгарски државјанин кој при влез во Македонија не ги пријавил девизните средства кај царинските службеници.

Поради сомнеж, неговото возило било селектирано за детална контрола. При претресот, цариниците пронашле 65.000 евра во црна платнена торбичка, скриена во ташна помеѓу менувачот.

Контролата продолжила, при што во ранец на задното седиште, покриена со компјутер, била пронајдена уште една црна торбичка со 37.650 евра. Во куферот, помеѓу гардеробата, била пронајдена и трета торбичка во која имало 97.350 евра.

Од вкупно пронајдените 200.000 евра, на патникот му биле вратени 10.000 евра, согласно Законот за девизно работење, додека 190.000 евра биле задржани.

Против унгарскиот државјанин е поднесена прекршочна пријава.

Последни објави