Царината прибира милијарди во буџетот, а за опрема се снаоѓа со донации

Објавено:

Кучиња, автомобили и мобилни рендген скенери се само дел од донираната опрема во Царинската управа која со својата работа на терен во 2025 година донела 2,14 милијарди евра во државната каса. Тоа се пари што биле наплатени преку царина, ДДВ, акцизи, данок на моторни возила и надоместоци од увоз и внатрешен промет. Сумата од 2,14 милијарди евра е за 105 милиони евра повеќе од претходната, 2024 година.

За борба против криминалот и корупцијата потребни се пари. Токму тоа го покренува прашањето колку државата инвестира во опремата на Царината, а колку од потребите се покриваат преку странски донации?

Паралелно со растот на приходите, во опремувањето на царинските контроли се гледа и силно присуство на странска помош. Последен таков пример е донацијата од Европската унија (ЕУ) во вредност од 4 милиони евра. Станува збор за 25 автомобили финансирани од ЕУ, 21 за мобилната единица и пет за специјалната единица К-9, како и форензичката опрема. Целта на донацијата е се зајакнат капацитетите на Царината за борба против организираниот криминал што влијае на трговијата и синџирите на снабдување. Според податоците од ЕУ, проектите платени од европски пари за Царина изнесуваат 25 милиони евра. Во нив влегува и царинскиот терминал на граничниот премин Табановце, кој спаѓа во делот за усогласување со Царинската унија на ЕУ како единствена трговска зона.

„Оваа есен ќе ја започнеме новата кампања на ЕУ фокусиран на транспортот, како и поврзаноста. Сите овие работи (донации) всушност имаат една цел, полесно движење, побезбедни граници и подобри услови за граѓаните како и за деловните субјекти“, изјави евроамбасадорот во Скопје, Микалис Рокас.

Еден од примерите е и рендген-скенерот за поштенски пратки, што во октомври 2025 година го донирала Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал – UNODC, во рамки на проектот „Хермес“ (HERMES). Станува збор за скенер од нова генерација со вештачка интелигенција, кој овозможува автоматска анализа и препознавање сомнителни предмети во поштенски и курирски пратки вреден над 150 илјади евра. Опремата е поставена во централниот објект за прием и обработка на меѓународни поштенски пратки во Скопје. Со неа треба полесно да се откриваат оружје, муниција, експлозиви, дрога и други забранети предмети.

Но, скенерот не е изолиран пример.

Царината со години добива специјализирана опрема од странските партнери. Преку американската ЕХБС (EXBS) програма, на пример, досега биле донирани рачни рендген-скенери, фиберскопи, детектори за радијација, видеоскопи, алати, компјутери, патролни и теренски возила. И специјалната мобилна царинска единица К9 има своја донаторска приказна. Оваа единица користи службени кучиња специјално обучени за откривање на дрога, оружје, експлозиви, цигари и пари.

Неодамна Царината објави дека едно од донираните кучиња доаѓа од Јужна Кореја каде покажало значајни резултати во откривање обиди за шверц. Водачите и кучињата од единицата К-9 редовно поминуваат крос-гранични обуки финансирани од странски програми (како американската EXBS програма или ИПА фондовите на ЕУ), каде се тренираат за откривање на нови видови синтетички дроги и скриена муниција.

Донациите се дел од поширок модел на модернизација на Царината со европска и меѓународна помош. Во ситуација кога владините челници постојано укажуваат дека еден од клучните приоритети е борбата против корупција се наметнува прашањето дали државата доволно инвестира во сопствената царинска инфраструктура или модернизацијата премногу се потпира на донаторски пари?

Премиерот Христијан Мицкоски при доделувањето на донацијата изјави дека целта е да им покаже на криминалците дека криминал е неисплатлива професија, а Царина е во првата линија на одбрана на законот.

„За жал, имаме и такви случаи кога има поединци коишто се одлучуваат да бидат сојузници на криминалот и криминалците. Се надевам дека тоа се само мали, несреќни, епизоди исклучоци. Оваа влада има сериозна намера да застане на патот на тие коишто одлучиле да бидат сојузници на криминалот и порано или подоцна тие ќе бидат фатени и изведени пред лицето на правдата, да се занимавате со криминал мора да биде неисплатлива работа и тоа е главната цел на ова Влада, изјави Мицкоски.

Царината има пари за опрема, но не ги троши за таа намена

Според податоците од буџетот за 2026 година, од државната каса за Царина се одвоени еден ипол милион евра. Од нив половина милион евра се наменети за спроведување на потребните реформи за интеграција со ЕУ. За купување опрема и машини, Царина годинава одвоила само 180 илјади евра.

Лани, на пример, Царина потрошила околу 150 илјади евра за опрема, покажуваат податоците од Министерството за финансии. Ваквиот податок укажува дека Царината има пари за опрема, но не ги троши за таа намена.

Според објавеното на официјалната страница на Царинската управа, институцијата располага и со посебни сметки за повеќе донаторски и европски програми – меѓу нив проектот „Царина 2021-2027“, ИПА програми за прекугранична соработка, средства за реконструкција на гранични премини и автоматизација на царински терминали.

Улогата на Царината одамна не е само наплата на царински давачки. Царинските службеници треба да откриваат недозволена трговија, дрога, оружје, фалсификувана стока, нелегални пратки и други форми на прекуграничен криминал. За тоа им треба технологија.

Но, од друга страна пак, последниот ревизорски извештај за Бирото за метрологија покажа дека мобилната лабораторија купена со државни пари за проверка на квалитетот на нафтата и нафтените деривати во текот на 2024 година воопшто не била користена. Таа била наменета за цариниците кои требало со неа да вршат контрола каква нафта се увезува во земјава и дали таа исполнува основни стандарди.

Ревизорските наоди што се однесуваат на опременоста на граничните органи укажуваат на некористење или недоволно искористување на сопствените ресурси купени со државни пари. Во извештаите на ревизорите често се посочува на потребата од поголема буџетска независност и повисока реализација на сопствените капитални расходи за набавка на опрема.

И тука се забележува еден парадокс. Од една страна имаме институција која во една година внесува повеќе две милијарди евра во државниот буџет, но не инвестира доволно, а голем дел од технологијата за заштита на границата и борба против шверцот ја добива преку меѓународна помош. Донациите се нормален инструмент за институционално јакнење, особено кога земјата се усогласува со европските стандарди и кога станува збор за сложена и скапа технологија. Проблем е во тоа колку државата има долгорочна политика за сопствено финансирање на клучната царинска опрема, или модернизацијата премногу често зависи од тоа кој странски партнер во моментот има проект, грант или програма.

Последни објави